Денеска (14 јуни), со почеток од 19 часот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворена изложбата „Испразнето гнездо“ од уметницата Марија Конеска.
Како што информираат организаторите, изложбата е рефлективно уметничко истражување на влијанието на емиграцијата врз градот Прилеп.
„Проектот има за цел да прикаже како заминувањето на луѓето го менува изгледот на градот. Проектот отвора потресно прашање не само за емиграцијата, туку и за умирањето на еден град. Конеска го визуализира тоа создавајќи инсталација на фотографии отпечатени на пластика со ласерски исечени силуети поставени пред фотографиите за да се создаде 3Д ефект. Основата на секое парче е 29,7 x 42 цм, отпечатенa во боја, додека силуетите се црно-бели. Бидејќи во моментот кога е почнат проектот нема официјални податоци за ова прашање, Конеска собра податоци со посета на домови и разговори со жителите за емиграциските искуства на нивните семејства. Преку овие интеракции, таа го документираше изгледот на домовите, улиците, а понекогаш и на самите луѓе. Забележа распространетост на родители чии деца повеќе не живеат во областа, работодавци кои се борат да најдат работници, полупразни училници и напуштени куќи, на крајот наидувајќи и на целосно напуштени улици“, додаваат оттаму.
Оваа инсталација за првпат беше претставена во КИЦ, Скопје, во 2017 како дел од програмата CreArt, а оттогаш е изложена во Музејот на град Скопје, во Белград, Јужна Дакота (САД).
Повеќе детали може а најдете тука.