Традиционалната изложба „Мал формат“ во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ќе биде отворена на 2 ноември (среда) во 20:00 часот во Културно информативниот центар – КИЦ.
На изложбата ќе учествуваат 40 уметници со 55 дела направени во форматот 25х25 цм, а креирани во техниките сликарство, скулптура, графика, цртеж, колаж, објекти, нови медиуми.
„Чувството на внатрешниот порив да го совлада малиот квадрат, на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат со битието и мотивот од големите форми во помалата мерка“, се вели во описот од ДЛУМ.
Од Друштвото информираат дека наградата за „Мал формат“ ќе биде доделена за време на отворањето.
Изложбата ќе биде отворена 10 дена, а се реализира во поддршка на Министерство за култура на Република Северна Македонија.