Во административната зграда на Музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга утре (31.08) со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата „Еден поинаков поглед кон албумот“ од мултимедијалната уметница Дијана Томиќ Радевска.
Томиќ Радевска во најавата пишува дека изложбата е посветена на нејзиното семејство, а ќе се одржи во градот на нејзините предци каде таа ќе презентира интимно раскажување.
„Колекционирањето на стари семејни фотографии, аналитично го дополнуваат приказните кои обработуваат едно време, еден народ, една историја. Времето е незапирливо а испрекинато низ мислите. Фотографиите, дигитално отпечатени, се поставени во јукстапозиција, со графички листови, со цртежи и со видео, како концепт на документ и истражување. Поставувајќи ја оваа изложба интердисциплинарно и “in situ”, користејќи делови од куќата и фасадата на Музеј ,,Др. Никола Незлобински” кој припаѓал во минатото на моето семејство (дедо по мајка) Несторови го заокружувам концептот“, вели уметницата.
Дијана Томиќ Радевска има дипломирано на отсекот графика и графички дизајн на ФЛУ во Скопје. Таа работи на графика, цртеж, сликарство, арт инсталација, арт видео и како дизајнер. Досега реализирала бројни групни и самостојни изложби и студиски престои. Во моментов работи и има статус на самостоен уметник.