Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, денеска (17 ноември) во 20 часот ќе се отвори изложбата “IN THE ZONE”( Во зоната) , на која ќе бидат претставени седум македонски уметници: Антони Мазневски, Атанас Атанасоски, Исмет Рамиќевиќ, Јане Чаловски, Велимир Жерновски, Групата ОПА и Ѓорѓе Јовановиќ.
Во текот на месец јули 2014 година проектот беше поставен во Мултимедијалниот центар во Ровињ, Хрватска.
На изложбата ќе се претстават авторите низ чии дела провејува една специфична перцепција на материјалот и неговото интерпретирање, преобликување, додека, од другата страна се уметниците ангажирано врзани за рецепција на случувањата, опкружувањето, за реминисцентните слики како духовна потреба за нивното визуелно транспонирање.
“IN THE ZONE” е конципирана од дела кои го иницираат специфичното бележење на депонираните податоци на неодамнешното или минато време, случувањата, меморијаните слики кои се поставени во дефинирана територија како порака, критика или иронично отсликување, кадрирање на културолошкиот или социо-психолошкиот ракурс.
Изложбата ја организира АТАКАРНЕТ, Скопје (куратор Викторија Васева Димеска), во соработка со НУ Национална галерија на Македонија. Истата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.