Коалицијата на младински организации СЕГА, како национална чадор организација која во моментот обединува 28 младински организации и организации кои работат со млади, преку соопштение до јавноста велат дека се крајно загрижени по однос на предложените измени на Законот за младинско учество и младински политики (Закон за млади).
Оттаму велат дека овие измени оставаат впечаток дека се изготвени во интерес на државните институции, а не во интерес на младите, за кои е и наменет Законот.
„Во предложените измени особено сме загрижени во однос на воспоставување на локалните механизми за учество на младите како и воспоставувањето и функционирањето на локалните младински сервиси. Убедени сме дека со вакви интервенции крајно ќе се уназадат сите напори за обезбедување на системско и суштинско учество на младите во одлучувањето и креирањето политики. Дополнително, предложените измени ќе имаат штетно влијание врз развојот на младинската работа во државата што ќе доведе до деградирање на професијата Работник со млади од една страна, но и ќе се овозможи нестручни и несоодветни кадри да спроведуваат младинска работа што е спротивно на појдовните напори за регулирање на младинската работа во нашата држава“, стои во реакцијата на Коалицијата СЕГА.
Оттаму велат дека се крајно разочарани што во предложените измени не биле земени во предвид предлозите и сугестиите од младинските организации како СЕГА, НМСМ или Сојузот на младинска работа.
„Сметаме дека процесот е избрзан и неинклузивен, особено поради фактот што во истиот не се вклучени оние кои ги засега најмногу – младите, младинските работници и службениците за млади. Не може да зборуваме за закон за младинско учество без притоа да се даде простор младите активно да учествуваат во неговото креирање, унапредување и примена“, се посочува во соопштението.
Коалиција СЕГА предлага итно да се отвори широк консултативен процес за измени на Законот, со учество на младите, младинскиот сектор, младинските работници и носителите на одлуки на локално и национално ниво.
Целосната реакција на Коалиција СЕГА вчера била доставена до Клубот за младински прашања и политики во Собранието и може да се прочита на следниов ЛИНК.