Израел бомбардираше уште едно училиште во Газа, преговорите за примирје продолжуваат

Израелските сили продолжуваат да ја напаѓаат Газа – најмалку четворица Палестинци загинаа во нападите на училиштето Салах ал-Дин и уште тројца во населбата Шуџаја во градот Газа, пренесува Ал Џазира Балканс.

Израелската опсада на северот на Газа трае повеќе од 100 дена, а палестинските власти соопштија дека речиси 5.000 луѓе се убиени или исчезнати од почетокот на офанзивата.

Американскиот претседател Џо Бајден, пак, во разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја истакна потребата од итен прекин на огнот, додека разговорите за ова продолжуваат во главниот град на Катар, Доха.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар вели дека е постигнат напредок во тековните разговори во Катар за постигнување договор за прекин на огнот.

„Има напредок, реков дека изгледа многу подобро од порано… но не сакам да кажам повеќе од тоа, затоа што разбирам дека има семејства кои се чувствителни на секој збор и секоја реченица. Се надевам дека за кратко време ќе видиме дека работите се случуваат, но тоа допрва треба да се докаже“, рече Саар на конференција во Ерусалим.

Израелски функционер, пак, утрово изјави дека „скицата на договорот е јасна“ и дека го чекаат одговорот на Хамас.

„Ако тој одговори наскоро, деталите може да се финализираат за неколку дена“, рече официјалниот претставник.

Тој додаде и дека Израел „изминал долг пат“ во разговорите што се одржуваат во Катар.

Уште три извори запознаени со деталите од преговорите велат дека „наредните денови се критични“.

Во израелскиот геноцид во Газа загинаа најмалку 46.565 Палестинци и ранети се 109.660 од 7 октомври 2023 година. Најмалку 1.139 луѓе беа убиени во Израел за време на нападите предводени од Хамас тој ден, а повеќе од 200 беа заробени.