Околу 50 лица, вклучително и пет од медицинскиот персонал, загинаа во израелски воздушен напад врз зграда во близина на болница во северниот дел на Газа, изјави директорот на болницата Камал Адван. Израел нареди евакуација на болницата, ставајќи ги во опасност останатите пациенти, пренесува Ал Џазира Балканс.
Мими Сајед, американска докторка која моментално е на втора медицинска мисија во Газа, изјави дека наредбата на израелската војска за евакуација на болницата Камал Адван го означува „крајот на човештвото“ во северниот дел на Газа, бидејќи повеќе нема да има медицинска установа која работи во областа.
Се проценува дека во таа установа има приближно 75 пациенти. Нивната состојба и моменталното место не се познати, бидејќи комуникацијата со болницата е прекината откако армијата издаде наредба за принудна евакуација.
Сајед рече дека на пациентите им е потребен третман, додавајќи дека многумина зависат од машини што не можат да се ракуваат надвор од болницата.
„Апсолутно е можно да има смртни случаи како резултат на тоа“, рече таа.
Таа додаде дека сите преживеани пациенти најверојатно ќе пристигнат во болницата Ал-Шифа во градот Газа и болницата Ал-Акса во Деир ел-Балах, каде што таа моментално е задржана.
Докторката додаде и дека здравствениот систем во тие медицински установи веќе пропаѓа бидејќи нема доволно храна, вода, струја.
„Не можам да замислам друг прилив на пациенти во здравствена установа чиј систем веќе е пред колапс“, истакна Сајед.
Дополнително, Израел во текот на ноќта нападна куќа во градот Газа, при што загинаа најмалку девет лица.
Четврто палестинско бебе почина како последица на екстремниот студ во Газа во последните 72 часа, додека стотици илјади луѓе раселени поради израелската војна се обидуваат да најдат начин да се загреат во сиромашните шатори.
Во војната на Израел против Газа, која трае од 7 октомври 2023 година, најмалку 45.399 Палестинци се убиени, а 107.940 се ранети. Најмалку 1.139 луѓе се убиени, а повеќе од 200 заробени во нападите врз Израел предводени од Хамас.