Израел уби повеќе од 12.000 палестински ученици и студенти од октомври 2023 година

Палестинското Министерство за образование со седиште во Рамала вчера соопшти дека во Појасот Газа и на Западниот Брег, израелската окупаторска армија убила повеќе од 12.000 палестински ученици и студенти и ранила 19.000 од почетокот на војната за истребување на 7 октомври 2023 година, пренесува Ал Џазира Балканс.

Министерството појасни дека од 7 октомври 2023 година, 11.249 ученици биле убиени, а 17.335 биле ранети во Појасот Газа, додека 80 ученици биле убиени, 479 биле ранети, а 237 од нив биле уапсени на Западниот Брег.

Во истиот период, според Министерството, во Појасот Газа биле убиени 697 студенти, ранети се 1.523 студенти, додека на Западниот Брег биле убиени 35 студенти, 130 биле ранети, а 229 биле уапсени.

Министерството додаде дека Израел спречил 88.000 студенти и студентки да продолжат со студирањето и 700.000 ученици и ученички да одат на училиште во Појасот Газа.

Кога станува збор за наставниот кадар, податоците на Министерството покажуваат дека 444 од нив се убиени во Појасот Газа, додека бројот на ранети вработени во училиштата е 2.491. Меѓу персоналот на универзитетот, 117 се убиени, а 1.221 се ранети.

На Западниот брег, според Министерството, загинале тројца членови на наставниот кадар, 17 се ранети, а 144 се уапсени. Додека од универзитетскиот персонал биле уапсени деветмина.

Што се однесува до израелските напади врз образовните објекти, 77 училишта во Појасот Газа беа целосно уништени, а 171 училиште претрпеле големи штети. Исто така, 126 државни училишта и 65 училишта кои припаѓаат на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA) беа цел на бомбашки и вандалски напади.

Според Министерството, 91 училиште и седум универзитети на Западниот Брег биле изложени на упади и вандалски акти.

Со американска поддршка, Израел врши геноцид во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, во кој повеќе од 146.000 Палестинци, главно деца и жени, се убиени и ранети, а повеќе од 10.000 од нив се водат како исчезнати, покрај масовното уништување и гладот ​​во кој загинаа десетици деца и постари луѓе, што е една од најлошите хуманитарни катастрофи во светот.

Паралелно со војната за истребување во Појасот Газа, израелската армија ги прошири своите операции, а доселениците ги интензивираа нападите на Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, во кои според официјални палестински извори загинаа 780 луѓе, а 6.300 беа повредени.