Израелскиот режисер Уди Алони, кој ја освои наградата од публиката на Берлинскиот филмски фестивал, во саботата ја нарече израелската влада фашистичка и побара од Германија да ја прекине воената поддршка на еврејската држава.
За време на Q & A сесијата за неговиот филм „Junction 48“, неколку часа пред официјално да му биде доделена наградата за најдобар филм според публиката, Алони изјавил дека Германија го поддржала „фашистичкиот режим на Израел“. 56-годишниот режисер ја нарече Израел „демократија на белите луѓе“ и ја критикуваше поддршката на германската канцеларка Ангела Меркел за Израел.
„Меркел не ја спомнува окупацијата и продава подморници на Нетанјаху за да продолжат таквите работи“, рече режисерот, за време на своето обраќање. Но, подоцна, изјавил дека коментарите биле насочени кон израелската влада, не против земјата што ја сакал.
„За разлика од премиерот кој шири омраза, мојот филм шири љубов и соживот“, рече тој.
Алони изрази поддршка и восхит за палестинскиот рапер Тамер Нафар, чиј живот е отсликан во неговиот филм, и кој, исто така, тврдеше дека Израел е терористичка држава.
Според странските медиуми, филмот добил финансиска поддршка од Министерството за култура на Израел. Министерот Мири Регев, по коментарите на Алони, изјавил дека државата не треба да ги финансира филмовите кои ја клеветат. Според него, коментарите биле „јасен доказ дека уметниците кои ја поткопуваат државата, ја клеветат и ја повредуваат нејзината легитимност, не треба да бидат финансирани“.
Минатата година, повеќе од 3 000 уметници, меѓу кои и дел од најпознатите актери и режисери во земјата, потпишаа петиција против политиката на Регев.
Новото, 66-то издание на Берлинскиот филмски фестивал, беше во фокусот на бегалската криза. Големата награда „Златната мечка” ја освои документарниот филм „Оган во морето“, на италијанскиот режисер Џанфранко Рози. „Сребрената мечка” ја доби филмот „Смрт во Сараево” на Данас Тановиќ. „Сребрената мечка” за најдобро сценарио ја освои филмот „Обединетите Држави на љубовта” на Томаш Василиевски, а „Сребрената мечка” за најдобра режија ја доби Французинката Миа Хансен-Лев за филмот „Иднината”.
За најдобар актер и актерка беа прогласени Тунижанец Маџид Мастура поради неговото учество во филмот „Хеди” на Мохамед бен Атти и данската актерка Трине Дјорхолм, за нејзината улога во филмот „Комуна” на Томас Винтерберг.