Градот Скопје потпиша договор со израелската компанија „Чериот моторс“ за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци.
Електричниот автобус ќе почне да сообраќа на градските улици во април годинава, и тоа на линијата со број 15 на ЈСП од Ново Лисиче до Карпош 4, по траса на булеварите „Јане Сандански“, „Кочо Рацин“, улицата „Димитрие Чуповски“, булевар „Партизански одреди“ и обратно. Во возилото може да се превезуваат до 85 патници.
Според градоначалникот Петре Шилегов, автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија, троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени со помош на ЕВН.
„Годинава предвидовме буџет за субвенции за набавка на еко-автобуси од 100 милиони денари (1,62 милиони евра), и за приватните превозници од 20 милиони денари (325.000 евра). Скопје заслужува автобуски превоз што нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните“, рече Шилегов.
„Чериот моторс“ е израелска компанија за производство на електрични автобуси со седиште во Софија, која во соработка со кинеската компанија „Хајгер“ произведува 76 автобуси на ден. Нивните автобуси веќе сообраќаат по улиците на Белград, Грац, Тел Авив, а наскоро и во Мадрид и Салцбург.
Инаку, првиот пробен електричен автобус во Скопје пристигнува во време кога низ јавниот превоз годишно се превезуваат по 50 милиони патници, што е за две третини помалку од 1987, кога имало 150 милиони патници. Во Скопје автобусите функционираат без да бидат приоритет. На улиците не се одвоени во посебни коловозни ленти, туку заглавени заедно со сите возила. Брзината е неспоредлива со колите. Автобусите не се конкурентни на автомобилите. Постои конфликт помеѓу директни линии и потребата за превоз на патници со ниска зачестеност и ниска брзина. Со сето ова, автобусот се уште е транспорт без висока ефикасност.
Исто така, во Скопје не постои метро, трамвај, нема доволно уредена велосипедска површина. Велосипедизмот од политичките елити често е третиран како „социјална“ или „алтернативна“ категорија, а моторниот превоз, иако според градската студија со 20% учество е вториот најголем загадувач после домаќинствата, со години се стимулура од локалните власти преку проширување булевари насред централно подрачје, мерки за евтини паркинзи и сл.
Автобускиот превоз во Скопје за 30 години изгубил две третини од патниците