Властите во Газа соопштија дека најмалку 104 Палестинци се убиени во напад на израелските сили врз луѓе кои чекале ред за да добијат хуманитарна помош, додека најмалку 760 се повредени, пренесува Н1. Неименувани извори од израелската страна велат дека војниците почнале да пукаат врз толпата затоа што „се чувствувале загрозени“.
Според наводите на палестинските власти, кога започнало пукањето, луѓето кои чекале помош се обиделе да се сокријат зад и под камионите со храна. Кога пукањето престанало тие излегле надвор, но војниците повторно почнале да пукаат.
Израелски воени извори тврдат дека стотици луѓе ги опколиле камионите со хуманитарна помош вчера изутрина, по што настанала конфузија и велат дека голем број од нив биле прегазени од камионите со хуманитарна помош.
Во меѓувреме, израелската страна тврди дека настанал уште еден инцидент, западно од градот Газа, кога луѓето кои побрзале кон конвојот камиони, кој вклучувал и тенк, им пришле на израелските сили, кои потоа започнале со пукање. Тие наведуваат дека војниците испукале предупредувачки истрел во воздух, а потоа пукале во лицата кои и покрај тоа не се оддалечиле.
Медицинските тимови не можеле да се справат со обемот и тежината на повредите на ранетите кои пристигнале во болницата Шифа, која е само делумно оперативна по претходниот израелски ракетен напад врз објектот.