Балетската претстава во два чина „Дон Кихот“ од Лудвиг Минкус, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина, ќе се изведе на 20 и 24 декември со почеток во 20 часот на големата сцена на Националната опера и балет (НОБ).
„’Дон Кихот’ е волшебна приказна за ветерници, ‘совршената’ жена и вистинската љубов. Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатото ‘Дон Кихот Па де де’, кој дава акцент на целата претстава“, истакнуваат од НОБ.
Диригент на претставите е Едуард Амбарцумјан, гостин од Ерменија, сценограф е Андреј Злобин, под костимографија се потпишува Гана Ипатиева од Украина, а концерт-мајстор е Климент Тодоровски.
Во улогите на Китри и Базел на 20 декември ќе настапат Христина Наќевска и Балаж Лочеи (Унгарија), а на 24 декември Наташа Трендафилова Гицев и Виктор Ишчук (Украина). Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет заедно со деца од балетскиот оддел на Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“.
„Kомпозиторот и виолинист Лудвиг Минкус (1826-1917) напишал неколку популарни балети, а речиси сите од нив, а особено балетот ‘Дон Кихот’ и денес се изведувани низ целиот свет. ‘Дон Кихот’ е балет базиран на познатиот истоимен роман од Мигел де Сервантес“, додаваат од НОБ.