На сцената на Националната опера и балет (НОБ) во петок (13 октомври) од 20 часот ќе биде изведена оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини.
„Македонската публика повеќе од десет години неуморно го исполнува гледалиштето при секоја најава на овој наслов. Диригент е Иван Еминовиќ, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова, концерт мајстор: Верица Ламбевска, Хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска. Настапува врвна домашна солистичка екипа: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет“, се посочува во најавата за оперската претстава.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано.