Вечерва (30.06, петок), со почеток во 21:00 часот, на Плоштадот „Мајка Тереза“ (плато пред Македонска опера и балет), ќе се одржи комична опера во два чина „Така прават сите“ – В.А. Моцарт во изведба на Оперскиот ансамбл на Уметничката академија од Осијек, Хрватска.
Солистите кои настапуваат на операта се Берислав Јерковиќ – баритон, Габриела Шкрабал – сопран, Борис Шили – баритон, Ања Папа – сопран, Мирна Видовиќ – мецосопран, Стеван Каранац – тенор и Анте Блажевиќ – пијано.
Оперскиот ансамбл на Уметничката академија во Осијек е формиран во 2010 година, со цел оперското дејствување да биде јавно. Ги собираат бившите и сегашните студенти на Уметничката академија во Осијек, професорите по музика како и гостите од земјата и од странство. Освен целосни оперски изведби, ансамблот изведува и концертни настапи на опери и оперети, но и на други вокални дела од музичката литература.
Меѓу најзначајните опери изведени од овој ансамбл се: „Дидона и Енеј“ (Хенри Пурцел), „Никола Шубиќ Зрињски“ (Иван Зајц), „Џани Скики“ (Ѓакомо Пучини), оперетата „Лилјакот“ (Јохан Штраус помладиот), потоа „Така прават сите“ (В.А. Моцарт), „Љубовен напиток“ (Гаетано Доницети) како и бројни концертни изведби. Во моментов оперскиот ансамбл УАОС ја подготвува операта Фигарова свадба од Волфганг Амадеус Моцарт.