Во Музејот на современа уметност (МСУ) во петок, 10 декември, од 13 часот ќе се случи годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – АИКА Македонија, насловен „Изведбени уметности“.
Работната сесија на програмата вклучува излагања и дискусија на тема „ Изведбени реалности,“ конципирана и модерирана од Бојана Јанева.
Учесници се Искра Димитрова, Ана Франговска, Ивана Васева, Биљана Тануровска – Ќулавковски.
Овогодинешната тема на симпозиумот е поттикната од истражувањето „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“, на добитничките на АИКА наградата за оваа година, Билјана Тануровска и Ивана Васева, со цел да се осврнат кон каузалноста за појавата и присуството/отсуството на перформативните уметнички делувања како начин на општествен активизам во нашата земја.
„Во многу минати и рецентни светски примери, уметниците мобилизирале преку активно вклучување и придонес на публиката во кризни времиња. Уметноста како политичка алатка е значајна алка во светот на постојани брзи промени, каде медиумите го диктираат начинот на пренесување на пораките од државните естаблишменти. Најдиректна уметничка пракса е перформасот, при кој, уметничкото дело ја надминува личната уметничка експресија со инкорпорирање на разновидни материјали, вклучувајќи го времето, просторот, телото и нагласеното значење на гледачот, преку кои се врши социјалната критика и се третираат општествените проблеми. Дуалната природа на уметничкиот активизам е дефиниран од естетско-општествените практики, пројавено од градење на колективен идентитет до вклучувачките/исклучувачките политики и институционална критика“, информираат од АИКА.
На овој симпозиум, велат од таму, преку примерите на перформансот кај нас, прикажани преку уметничките проекти и акции во јавен простор на уметницата Искра Димитрова и видувањето на кураторката Ана Франговска, ќе осврнат внимание кон перформансот, за кој потенцираат дека е еден од најмоќните генератори на општото мнение во тектонските општествени промени од денешницата, кои се случуваат и во нашата земја, но застапеноста на оваа уметничка пракса, се чини не соодвестува на реалноста.
Истовремено, добитничките на наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година, Биљана Тануровска- Ќулавковски и Ивана Васева ќе го претстават нивниот истражувачки труд „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“.
Организацијата е на Управниот одбор на АИКА Македонија. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура, Град Скопје, со институционална поддршка од НУ Музеј на современа уметност – Скопје.