Од вкупно 189 земји, Северна Македонија е рангирана на 82-то место во годинешниот извештај на УНДП за 2019 година „Нееднаквостите во човековиот развој во 21 век“. Според извештајот, земјава е со „висок човеков развој“ од 2000 до 2018 година, а пред нас се Албанија, Србија и БиХ.
Бен Слеј претставник на УНДП за Европа и Евроазија, рече дека Индексот за човековиот развој опфаќа неколку фактори – можности на луѓето да живеат долг и продуктивен живот, здравство, образование, животен век.
„Индексот дека во споредба со останатите земји од Западен Балкан, човековиот развој во Северна Македонија не е толку висок, колку што би требало да биде. Исто така покажува дека во Северна Македонија има висок раст кој е комбинација на приходите, пристап до здравство и до образование, за разлика од повеќето од вашите соседи, што е добра комбинација, доколку продолжи тоа темпо. Потребно е ресурсите да се инвестираат на вистинските места, не само да продуцирате дипломи, туку да произведувате добро образовани луѓе со вештини. Не само да градите болници, туку да овозможите луѓето да живеат подолго и да имаат продуктивен живот“, рече Слеј, на презентацијата на извештајот.
Во однос на образованието, нагласи тој, се забележува дека жените од Западен Балкан имаат подолг животен век од мажите и се пообразовани. Но, во работните места од наука, технологија и инженерство, сепак мажите се уште предничат, па тука бројот е над половина.
Постојаната претставничка на УНДП во земјава Нарине Сахакјан, нагласи дека Програмата за развој е посветена да оди надвор од границите на човековиот развој, неоставајќи никого изоставен. Исто така, да поттикнува локални акции за глобални промени и да влијае на начинот како размислуваме, испорачуваме, инвестираме и како се справуваме со прогресот кон остварувањето на глобалните цели за одржлив развој.
„Годинешниот извештај покажува дека нееднаквостите се широко распространети, некои се однесуваат на животот и смртта, другите на пристапот до знаењето и технологиите кои го менуваат животот. Разликата во животниот век меѓу земјите со низок и многу висок човеков развој и покрај тоа што значително се намали, се уште е 19 години. Нееднаквоста не е надвор од решенијата – таа подразбира поширок круг на политики надвор од приходот, надвор од просечноста и од денешницата“, истакна Сахакјан.
Додаде се појавува нова генерација нееднаквости околу образованието, технологиите и климатските промени.
Претседателот Стево Пендаровски потенцира дека нашата земја во последните 18 години континуирано постигнува развој во сите категории. Но сепак, вели тој, не треба да бидеме задоволни.
„Во категоријата на држави со висок човечки развој, каде се наоѓа и Северна Македонија, има само 6 од 44-те европски држави, а зад нас има само две земји без статус на кандидат за членство во ЕУ. Оттука, крајно време е сите, без исклучок да сториме се за да ја направиме државата подостоинствено место за живеење. Младите не си заминуваат само поради висината на платите, туку и поради квалитетот на животот и човечкото достоинство“, соопшти Пендаровски.