Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.
Методологијата на истражувањето, развиена во 2016 година, беше усогласена со текот на годините за да се стандардизира собирањето и анализата на податоците и да се приспособи фокусот на истражувањето кон промените во традиционалното и во онлајн медиумското опкружување во земјите од Западен Балкан.
Врз основа на оваа стандардизирана алатка за истражување, новинарските здруженија од земјите од Западен Балкан ги оценуваа најновите случувања во своите земји и се вклучија во разни активности за застапување за унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите и медиумите со поддршка на Европската комисија, а го следат развојот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во своите земји.
Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година туку напротив е влошена.
Во 2020 година, кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влоши финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.
Во 2020 година земјата бележи раст на скалата на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 92-то место, што е за три места повисоко од 2019 година.
Во извештајот за 2020 година се нотира дека новинарските здруженија ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ силно го истакнуваат своето спротивставување на евентуалните измени на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои би било дозволено рекламирање на јавни институции во медиумите. ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ сметаат дека не треба состојбата во медиумската индустрија да биде вратена на нивото од пред четири и повеќе години, кога со државни средства, на нетранспарентен начин, беа плаќани астрономски суми во медиумите. Таа пракса на која се противевме беше оценета како лош пример за државен поткуп на медиумите и придонесе за влошување на состојбата во медиумите и зголемување на пристрасноста во нивното известување.
Ставот на ЗНМ е дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, бидејќи на тој начин се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, и се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера. Со цел да се надмине оваа пракса, потребни се интервенции и во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во Изборниот законик.
Во овој извештај за 2020 година се нотира дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање.
Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на 2020 година беа забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше само четири, што значи дека оваа година нападите и заканите се трипати побројни. Во декември 2020 година, Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барања од страна на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа штета од државата за повреда на нивните права за време на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27.04.2017 година. Овие тужби следуваа по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување правна помош за новинарите и медиумските работници, кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан. Ваквата пресуда е уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичарите и новинарите.
Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен, лекториран и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.