Известувања за почеток на процесите за промени во Законот за студентскиот стандард, со кој треба да се воведат нови студентски стипендии за мотивирање средношколци за запишување на факултети со студиски програми за образование на наставен кадар, како и во Законот за животна средина, со кој се уредува постапувањето со контаминирани подрачја, се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР).
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард се врши изменување и дополнување на членот 49 од Законот за студентскиот стандард, во насока на воведување на нов тип на студентски стипендии за студенти запишани во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.
„Целта на ова законско решение е да се мотивираат завршените средношколци со постигнати високи резултати да го продолжат своето образование на факултети кои реализираат студиски програми за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование“, стои во образложението на ЕНЕР.
Посочената временска рамка за изготвување на овој предлог закон е до утре – 10 ноември.
Со измените и дополнувањата на Законот за животна средина, пак, се воведуваат нови одредби со кои се идентификуваат и уредува постапувањето со контаминирани подрачја. Покрај тоа се вршат измени за унапредување на процесот на полагање на стручните испити и стекнување со лиценци за стратешка оцена, оцена за влијание врз животната средина и постапување со средства за ладење и производи кои содржат средства за ладење. Истовремено се преуредува делот за наплата на надоместоци.
„Целта на измените и дополнувањата на Законот за животна средина е идентификување и уредување на постапувањето со контаминирани подрачја заради надминување на нивното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето. Во делот на стручните испити, измените се со цел олеснување на спроведувањето на процесот на полагање, како и регулирање на статусот на лицата со веќе положен испит“.
Временската рамка за изготвување на овој предлог закон е до крај на годинава.