Навреди, напади, па дури и обиди за уништување на опремата – со вакви ситуации се соочуваат дел од репортерите и снимателите кога треба да известуваат од протести. На прашањето дали некогаш ви била загрозена безбедноста при вршењето на работата, одговорот и кај репортерите и кај снимателите е „Да, и тоа најчесто на протести“, стои во анализата објавена од Самостојниот синдикат на новинари и новинарски работници (ССНМ).
Јовица Пауновски, репортер во ТВ 21, вели дека често пати и демонстрантите, но и полицијата не прават разлика со медиумските работници, кои се таму за да си ја вршат работата, па така тие се оставени сами на себе, кога станува збор за заштитата на својата безбедност.
„Особено на тие кои што биле најавени за мирни, па ескалирале. Во тие моменти, новинарите како знаат и умеат треба да останат професионални, да известуваат и во исто време да се спасат. Бидејќи тогаш ниту полицијата, ниту демонстрантите, на ниеденкој начин не прават разлика со новинарите“, вели Пауновски.
Не се изземени ниту снимателите, кои, во обид да ја пренесат сликата, неретко добиваат закани.
„Заканите се во форма „ќе ти ја скршам камерата, што снимаш“, „кој си ти да го снимаш ова“, „вашиот медиум се предавници, ај бегај од тука, не може да снимаш“ и слично“, вели Александар Димитриовски, долгогодишен снимател во ТВ 24.
Димитриовски додава дека генерално снимањето протести е како и секое друго снимање на терен, но некогаш знае да биде и ризично.
„Доколку на протестот се почне со агресија, односно фрлање предмети, туркање, итн., тука веќе почнува да бидестанува ризично, поради желбата да се известува од првите редови, може да биде повреден снимател или новинар“, додава Димитриовски.
Новинарката Ирена Каревска била буквално исплукана од демонстранти и тоа неколку секунди пред да се вклучи во живо од настан во вести и да почне да известува. Наместо да се сконцентрира на известувањето, да ја пренесе атмосферата, да внимава што и како ќе каже и да остане смирена, станува мета на демонстранти.
И покрај тоа, Каревска успеала професионално да ја заврши работната задача и да ја стави професионалноста пред нејзината сопствена безбедност, но вели загрижувачки се ваквите напади, кои сè уште не се реткост.
„За нападот известив во вестите, но не поведов натамошна постапка. Причината најверојатно беше фактот што нема некоја охрабрувачка статистиката кога зборуваме за казнивоста на нападите на медиумските работници. Иако, од денешна перспектива, најверојатно би постапила поинаку и би го пријавила со случајот, макар тоа да остане и само статистика во извештаите за слободата на медиумите во земјава“.
Пандемијата со ковид-19 и анти-ковид- мерките дополнително го зголемија бројот на протести и демонстрации ширум светот, од кои големиот дел насилни, при што мета на напади се и самите медиумски работници штокои известуваат за нив.
И во Македонија, меѓу последните случаи на напад кон медиумските работници е токму протестот против анти-ковид- мерките, на кој репортерите и снимателите беа навредувани, омаловажувани и им беа упатени вулгарни пораки.
Она што е опасно e што ваквите вербални напади од присутните може дополнително да ја поттикнат присутната толпа на насилство, со што директно се загрозува безбедностабезбедоста на медиумските работници.
Потребна ли е подобра комуникација и соработка меѓу новинарите и полицијата?
Статистиката покажува дека годинава до полицијата се поднесени осум пријави за нарушување на безбедноста на медиумските работници за време на протести, од кои пет се сосема расчистени и заокружени со три кривични пријави, од кои една против седум лица, едно писмено известување до ОЈО и една прекршочна санкција против две лица. Сепак, три од пријавените случаи и натаму не се расчистени, сторителите не се казнети.
„Во текот на 2021 година доставени се вкупно осум пријави, во споредба со 2020 година, кога во МВР беа пријавени 10 вакви случаи, од кои девет се веќе комплетно расчистени, а за еден случај уште се преземаат мерки за негово комплетно расчистување. Од годинашните осум пријави, пет се сосема расчистени и заокружени со три кривични пријави, од кои една против седум лица, едно писмено известување до ОЈО и една прекршочна санкција против две лица“, велат од МВР.
Додаваат дека МВР во континнуитет презема интензивни мерки и активности за зголемување на безбедноста на новинарите. Укажуваат на тоа дека биле направени и работилници на кои учествувале новинари, фоторепортери, како и припадници од МВР, а се споделиле и искуствата и се лоцирале точките каде што е потребно за унапредување на соработката.
Целиот текст може да се прочита ТУКА