Извидниците од Прв скопски извиднички одред (ПСИО) и оваа година беа дел од акцијата „Направи добро дело 2018“, поддржана од Сојуз на извидници на Македонија, по повод Светскиот ден на извидничкото движење 22 февруари и раѓањето на основачот на извидништвото Роберт Баден Пауел.
Посветеност за општествено корисни активности и определбата за вклучување на извидниците од сите возрасни категории, велат од ПСИО, придонесоа за голем одзив кај сите нивни членови, кои максимално се потрудија сите активности да бидат успешни но и многу атрактивни.
Активностите се одржаа во различни денови во периодот од 15 до 24 февруари.
„Извидниците од клубовите Игуани и Лемури годинава ги посетија и се дружеа со средношколците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ – Скопје. Своите старо – нови пријатели ги обучија како да користат лак и стрела, кои се извидничките јазли и нивната примена, а им ги пренесоа и своите искуства во поставување на шатор како дел од извидничката опрема“, велат од ПСИО.
И патролата Рисови биле активна и своето добро дело, велат тие, го посветиле на уличните кучиња, обезбедувајќи им храна во овие ладни денови. Во ова хумано дело им се придружија и развигорците Каја, Шериф и Тео кои изразија желба да бидат дел од оваа интересна активност.
„Пред 3 години не нарекоа Робин Худ на денешницата и не сакаме да го изгубиме епитетот. И оваа година традиционално подготвувавме сендвичи во Домче и излеговме да ги поделиме на гладните по скопските улици. Сендвичите се делеа низ центарот на градот, под Камени мост, низ чаршијата, но дел оставивме и во Соборниот храм. Титулата Робин Худ на денешницата оваа година им припадна на јатото Коприви и водачот Ивана, која ниту една година не го има пропуштенпо овој гест“, соопштува ПСИО.
Развигорците од јато Бонсаи беа во мисија за уште едно добро дело. Според ПСИО, тие беа во посета на Домот за деца без родители „11 Октомври“. Извидниците организираа многу активности за нивните другари меѓу кои врзување јазли, кревање на шатор и секогаш најинтересното стреличарство. Развигорци од јато Бонсаи беа водени од нивниот водач Софија со поддршка од Сара и Николај.
„Годинава, јато Фикуси го посети дневниот центар за деца на Меѓаши во населбата Аеродром. Во оваа институција сме прв пат и запознавме многу нови деца со извидништвото во Македонија и со активностите кои ги правиме. Им покажавме неколку интересни извиднички вештини, но организиравме и кул полигон кои го минуваа преку натпревар“, соопштува ПСИО.
Соработката низ изминатите години ја продолжуваат со извидниците од Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Како дел од активностите за добро дело патрола Бувови оствари супер дружба кај овие деца со кои покрај нови игри, ги научиле на вештината сигнализација преку семафор – со помош на извиднички знаменца.
„Патрола Лилјаци своето добро дело го посвети на дружењето со децата од „Трисомија 21’, здружение за лица со Даунов синдром. Заедничкиот ден го поминаа во градскиот парк учејќи шаторизација и вештина за стреличарство. Сите ние сме исти и заслужуваме еднаков третман е чувството на нашите извидници кои се дружеа во паркот. Голема благодарност до Маг, извидник волонтер од Франција и Чаки кои помогнаа да се реализира оваа активност“, велат извидниците.
Меѓу низата акции за Добро дело од ПСИО, традиционално СИМ организираше дарување крв, со што им даде можност на сите хумани луѓе да помогнат. На оваа акција голем одзив имаше и од родителите на извидниците и сите волонтери.
Целата акција „Направи добро дело“ и прославата на Светскиот ден на извидништвото заврши со централен настан во Градскиот парк во Скопје, каде учествуваа над 80 извидници од одредот на ПСИО, кои се забавуваа на разни работилници. Патрола Кобаја и јато Бамбуси на овој настан подготвуваа вкусни колачиња и чај.
Инаку, Прв Скопски Извиднички Одред (ПСИО), уште познат како ИО Маршал Тито, е најстариот извиднички одред во Република Македонија. ПСИО е регистриран како невладина, самостојна, неполитичка, непрофитна, доброволна и воспитна организација за деца и млади, отворена за сите без оглед на националната или верската припадност. ПСИО е дел од Светското извидничко движење (WOSM) и како таков опстојува и се темели на основните вредности на извидништвото.
Во извидничкото друштво, членуваат преку 100 активни извидници кои се категоризирани во повеќе возрасни групи.
„Мисијата на извидниците е да придонесат во образованието на младите, преку систем на вредности врз основа на извидничкиот Завет и Закони, да помогнат да се изгради еден подобар свет, каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството. Ова се постигнува со вклучување на младите во не-формалниот образовен процес со користење на специфичниот извиднички метод што секој поединец го прави главен агент во неговиот или нејзиниот развој“, соопштуваат извидниците.