На својот Фејсбук профил, кафулето „Боката“ објави извинување до списанието „Лице в лице”, по инциндентот со бркање на продавачите на списанието и писателката Јагода Михајловска-Георгиева од овој локал во центарот на Скопје.
„Во име на фирмата и персоналот на Боката им се извинуваме на луѓето вработени во списанието Лице в лице. Како сите граѓани така и ние немаме ништо против лицата со посебни потреби и сите останати групи што се наведени во текстот.Секогаш сме поддржувале хуманитарни акции. Бараме разбирање бидејќи во нашиот локал секојдневно влегуваат лица од различни категории и не се сите со добра намера што ги вознемируваат нашите гости.
Во иднина ако сакате да го продавате вашето списание кај нас би ве замолиле предходно да бидеме известени и нема да има никакви проблеми. Како фирма би купиле по неколку примероци за да ја покажеме нашата хуманост која постојано ја правиме кон оваа група(чаша вода ,чај,користење на тоалетот). Се оградуваме од оштрината и реториката на самиот текст“, се вели во извинувањето.
Продавачите на „Лице в лице“ избркани од кафуле во центарот на Скопје
Списанието е дел од проект за социјално претприемништво и го продаваат лица од социјално ранливи категории, кои веќе се препознаени во јавноста. Продавачите на „Лице в лице“, придружувани од писателката, беа избркани од „Боката“ во петокот. Како што појаснија од „Лице в лице“, тие ги прифаќаат правилата на кафулињата, но пробематичен бил „дрскиот и вулгарен однос, што беше одлика нa дел од тамошниот „тим“ кој нè пречека“.