Со традиционално палење на поетскиот оган манифестација „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) синоќа беше свечено отворена на летната тераса на хотелот „Дрим“ во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор.
Вечерта ја отвори поетот и писател и некогашен директор на СВП, Јован Стрезовски, кој во своето излагање стави акцент на историјата на фестивалот, на неговото создавање, тек и растеж.
„Со доделувањето на меѓународната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, и со издавањето на посебна книга со поезијата на добитниците двојазично: на оригиналниот јазик и во превод на македонски јазик, собрани во педесетина изданија, странските јазици придонесоа за прекрасен спој и потпора во нашиот јазик. Нашиот голем Блаже Конески, кому оваа година му ја чествуваме 100-годишнината од раѓањето, кога во 1981 година беше прогласен за добитник на „Златниот венец“ и кога требеше да објавиме избор од неговата поезија, ни испрати најкраток, строго направен избор. Кога му јавивме дека книгата ќе биде мала и ќе се изгуби на полиците меѓу дебелите книги на другите добитници, ни рече дека „за поезијата не е важно колку е голема книгата, туку – да биде добра“. Секое писмо што ми го испраќаше го завршуваше со следниот поздрав: „Биди ми добра мисла…“ или „Остани со добра мисла…“ Па, еве, на крајот, и јас ве поздравувам со тие негови зборови – останете со добра мисла…“, рече во своето обраќање Стрезовски.
Специјално видеообраќање имаше и годинешната лауреатка, британската поетеса Керол Ен Дафи, која го најави своето физичко присуство на следното издание во 2022 година.
„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, трогната сум што пред мојот праг го наоѓам сјајот на „Златниот венец“. Тоа што им се придружувам на поети коишто толку многу ми значеле во текот на целиот мој живот како читателка и писателка е извонреден подарок за којшто сум многу благодарна. Последниве 18 месеци, изразот „останав без зборови“ доби ново значење за мене како поетеса, па оваа прекрасна награда од Струга ми го врати духот и радосна сум што сум добредојдена во оваа голема македонска традиција на вреднување на поезијата. Првпат ги посетив Струшките поетски читања пред 30 години, како релативно нова поетеса во деновите пред мобилните телефони, социјалните медиуми и Пандорината кутија на интернетот. Тогаш, навистина, светот беше поинаков и песните што се рецитираа на Мостот на поезијата не мораа да викаат за да бидат чуени над деноноќното брборење на звукот којшто, за жал, сега ни е добро познат. Но вашиот фестивал и неговиот „Златен венец“ опстојуваат и нè потсетуваат дека поезијата мора да опстане, како што и е случајот. Повеќе од кога било, можеме да се согласиме со Семјуел Бекет дека „сета поезија е молитва“. И, можеби, како добитничка на оваа награда, треба да се сетам на Дилан Томас и неговата причина за пишување: „Не за слава или леб / Ни за да се топорам и тргувам со восхитот / На бините од слонова коска / Туку, за просто, да ми платат / Со нивното најскришно срце“. Ги испраќам мојата љубов и благодарност до сите во Струга и со нетрпение очекувам да ве посетам повторно следната година и да го запознам следниот лауреат на Златниот венец“, рече Ен Дафи.
Обраќање имаше и Министерката за култура Ирена Стефоска, чиј говор беше изведен во акростих од песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов.
„Тивката Струга по 60-ти пат ги рашири своите прегратки за поетите од целиот свет. Гостољубива е нашата Струга. Во неа добредојдени сме сите. А дури и Дрим денеска ги стивна своите води за да ги слушнеме стиховите, за да се напоиме со збор во ова време без зборови. А тука беа и Блаже Конески и Десанка Максимовиќ и Вознесенски и Оден и Диздар и Гинсберг и Гилвик и Падрон и Хјуз и заминаа, останаа нивните зборови и празни страници за уште поети. Јагулата тргнува на своето свадбено патување минувајќи среде овој град. Утеха од најдолгиот пат и е нејзината рожба. Ќе се врати таа, како што се враќа и поетот во градот на Миладиновци. Секоја година во исто време. Ова обраќање како акростих вам ви го посветувам почитувани поети. Нека се множат вашите стихови. Нека се множат годините на Струшките вечери на поезијата“, рече во своето обраќање Стефоска.
Вечерта продолжи со меѓународната манифестација „Поетски меридијани“, на која настапија поголем дел од странските гости.
Програмата на Фестивалот целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП.
„Струшките вечери на поезијата“, кои ќе траат до 30 август, годинава се одржуваат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ со кое се потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот.
Фестивалот се одвива според сите протоколи за заштита од коронавирусот.