Оригиналниот изворен код за глобалната мрежа (www), напишан од Тим Бернерс Ли, преку кој практично започнува интернетот, беше продаден за 5,4 милиони долари на онлајн аукција на компанијата „Сотеби“.
Кодот содржи и уникатен токен, кој претставува гаранција за оригиналноста на дигиталните дела и во последниот период стана важна работа во креативниот свет бидејќи овозможи голем број дкигитални уметнички дела, музика или пак интернет мемиња да се продаваат за милионски суми.
Делото со уникатниот токен продадено вчера било создадено од англискиот научник Бернерс Ли во 2021 година и претставува сопственост на повеќе дигитални дела од времето кога тој ја пронајде глобалната мрежа во 1989 година. Мрежата е систем за навигација и пристап до информациите на интернет.
„Симболиката, историјата, фактот дека тие доаѓаат од креаторот е она што ги прави вредни и постојат голем број луѓе кои собираат работи токму од овие причини“, објаснува Касандра Хатон, директорката за наука и популарна култура во „Сотеби“.
Во продажбата се вклучени 9,555 линии код напишан во 1990-1991 година, 30-минутна анимирана визуелизација од кодот, дигитален постер од кодот, како и дигитално писмо напишано од Бернерс Ли во јуни 2021 во кое тој дава свој коментар за неговиот пронајдок.
„Луѓето очигледно ценат потпишани верзии на книгите, а сега ја имаме технологијата со уникатни токени, па ми се виде забавно да направам копија од оригиналниот код од првиот интернет пребарувач со мој автограм“, стои во почетокот на писмото.
Бернерс Ли претходно го бранеше неговиот избор да го продаде ова дигитално дело, споредувајќи го со книга со автограм од авторот.
„Ова е целосно во согласност со вредностите на мрежата. Всушност не го продавам изворниот код, туку слика која сум ја направил, со програмата Пајтон која сум ја напишал, за тоа како изворниот код би изгледал доколку е залепен на ѕид и потпишан од мене“, рекол Бернерс Ли во интервју за Гардијан.
Во март аукциската куќа „Кристи“ соопшти дека успешно продале дигитален колаж на артистот наречен „Бипл“ за скоро 70 милиони долари, што беше прва продажба на големо уметничко дело кое не постои физички. Сопственикот на Твитер, Џек Дорси, го продаде својот прв твит во форма на уникатен токен за 2,9 милиони долари.