Достапни онлајн учебници и дополнителни наставни материјали, се дел од работите кои средношколците ги чувствуваат како потребни по најавите дека следната учебна година продолжува да се одржува онлајн. За тоа како се развива процесот на дигитализација и дали наставниот кадар е подготвен за новиот комбиниран модел на настава, Радио МОФ разговараше со надлежните институции, но и учениците.
„Дефинитивно треба сите учебници да бидат онлајн. Но, тука не завршуваат нашите потреби – ни требаат референтни извори, насоки, линкови… За изворот на информации да не биде само „Википедија“ и други недоволно научно потврдени информации. Учебниците треба да ни се патоказ кон знаењето, но за жал, мислам дека не можеме да се пофалиме со квалитетот на учебниците и информациите што ги нудат. Можеби тие ја губат првобитната намена во тврд формат и влегуваат во нова фаза во која ќе бидат само врски со целокупното светско знаење. Тука, улогата на професорите треба да дојде најмногу до израз покажувајќи ни го знаењето со кое располагаат и со начинот на кој можат да го дистрибуираат“, вели средношколката Леона Јариќ, зборувајќи за достапноста на онлајн материјали за настава.
„Сè уште не ги имаме добиено сведителствата“, „Кога заврши учебната година ги вративме старите и ни ги предадоа потребните учебници“, „Деновиве одредено е време за секој клас одделно да ги врати старите и да ги преземе новите учебници“, беа дел од одговорите во мнозинството на негативни одговори на „Инстаграм“ анкетата на Радио МОФ, за тоа дали учениците биле запознаени со протоколите за примопредавање на учебниците во основните и средните училишта.
Додека Јариќ истакна дека во скопската гимназија „Никола Карев“, примопредавањето на учебниците ќе се одвива денес, од МОН велат дека учебниците се враќаат по завршувањето на наставната година.
„Во меѓувреме за учениците од прво до трето одделение се печатат целосно нови учебници, додека за останатите одделенија, со нови се заменуваат само оние кои се оштетени и повеќе не можат да се применуваат. Следните генерации учебниците ги подигнуваат на почетокот на учебната година“, истакнаа од МОН.
Оттаму дополнуваат дека согласно планот за новата учебна година, училиштето во договор со родителите се договара кој е најбезбеден начин за давање и преземање на учебните материјали, домашните задачи и други училишни обврски за учениците доколку се одлучат за настава од далечина.
Од МОН соопштуваат и дека при новонастаната ситуација со Ковид-19 во текот на минатата учебна година побарале од издавачките куќи да достават онлајн верзија од учебниците за тие да бидат достапни на веб страната на Министервото за образование и наука.
„Дел од издавачките куќи кои ги имаа верзиите во е-форма и кои ги добија согласностите од авторите, ни ги доставија и истите беа објавени на e-ucebnici.mon.gov.mk со можност за времено користење до крајот на учебната година Оваа постапка ќе биде повторена во следните денови, со цел и во оваа учебна година покрај хартиените учебници кои се доделуваат преку училиштата, на учениците да им бидат достапни и електронските верзии“, нагласуваат од МОН за Радио МОФ.
Според Јариќ, при процесот на дигитализација од страна на одговорните служби, тие досега требало веќе да ја имаат скенирано ситуацијата на теренот и утврдено ресурсите со кои располагаат учениците, но и училиштата – каде може да се извлече максимумот, каде треба да се надополни.
„Министерството за образование треба сериозно да се соочи со предизвиците што стојат пред него. Не можеме да живееме наназад. Треба да се осовременуваме и конечно сите да живееме во 21 век. Професорите задолжително треба да поминат обука за користење на платформи за онлајн настава; мора добро да се извежбани и вешто да ракуваат со истите за да можат да се снајдат во разни непредвидени ситуации кои ги носи онлајн комункацијата; и да ја прилагодат наставата на новите медиуми. Ова би можело да биде и прв чекор кон реформите во образованието“, вели таа.
Јариќ дополнува дека институциите треба да се насочат кон интересите на учениците, да има поголема слобода при избор на предметите, предавањата да се насочат кон дискусија и решавање проблеми и да се користи поширока литература.
Се покажавме недоволно „писмени” за онлајн настава
Според средношколката Јариќ, искуството од минатата учебна година, каде дел од наставата се одржа онлајн поради пандемијата од коронавирусот, на учениците им се потребни дополнителни дигитални алаки и литература, но пред се, поартикулирана и покоординирана комуникација меѓу самите професори, но и помеѓу професорите и учениците, односно, проток на информации, одржување на „живоста“ на наставата и размена на мислења и информации.
„Сметам дека се покажавме недоволно „писмени” за онлајн настава. Не се одбраа платформи кои најефикасно ќе ни овозможат да имаме жива, интерактивна настава, многу од професорите воопшто не воспоставија контакт со нас, а повеќето само ни доделија задачи кои сами ги сработивме и ги презентиравме во вид на power point презентации испратени до нив, а многу малку беа оние кои се потрудија да одржат час и да се обидат во нов медиум. Во таа смисла, можеби наставата по информатика треба да се насочи кон практична употреба на она што веќе постои како сретство,како алатка, како модел особено во класовите каде таа не е примарен предмет“, вели таа за Радио МОФ.
Од Бирото за развој на образованието велат дека на почетокот на август преку системот „Learning Managment System“ започнала обуката за наставници на тема „Реализација на наставата со користење на различни ИКТ средства за учење“.
Наставниците во текот на овој месец секојдневно се логираат и ја следат обуката, за што на крајот добиваат сертификат.
Истовремено, од БРО известуваат дека во тек е и процесот за акредитација на програми за обука од областа на учењето на далечина коишто би се реализирале наредниот период и би им биле поддршка на наставниците при реализација на наставата.
„Во преговори сме со УНИЦЕФ и со други организации за поставување и организрање вебинари, упатства, дополнителни материјали за образование на далечина со цел наставниците да можат да се усовршуваат во таа насока и да им бидат од корист при секојдневната работа“, нагласуваат од институцијата.
Од МОН велат дека наставниот кадар е подготвен за далечинско учење, со што планирано е да се продолжат обуките на „ИКТ“ во наставата.
„Во најголем дел, наставниците имаат познавања од примената на ИКТ во наставата, затоа што наставните програми предвидуваат задолжително користење на информатичко-комуникациските технологии во училиштето за реализација на воспитно-образовната дејност, така што примената на компјутерите или слични уреди е неминовна“, сооштуваат од Министерството за образование и наука.
Ивана Смилевска