Актерот Вил Смит се повлече од холивудската Академија за филмски уметности и науки, откако му удри шлаканица на комичарот Крис Рок за време на церемонијата на доделување на Оскарите. Тој во своето известување вели дека ја изневерил довербата на Академијата и дека ќе прифати секакви понатамошни последици, пренесува Гардијан.
Во изјавата објавена во петокот попладне, актерот ги опиша своите постапки на 94-тото доделување на Оскарите како „шокантни и неоправдани“.
„Ја изневерив довербата на Академијата. Ги лишив другите номинирани и победници од нивната можност да слават и да бидат прославени за нивната извонредна работа“, рече тој.
Со оваа одлука, Смит меѓудругото ја губи привилегијата за гласање. Претседателот на Академијата, Дејвид Рубин, извести дека оставката на Смит е прифатена.
„Ќе продолжиме со нашата дисциплинска постапка против г-дин Смит за прекршување на Стандардите на однесување на Академијата, пред нашиот следен закажан состанок на одборот на 18 април“, рече тој, иако не е јасно со каква дополнителна казна може да се соочи Смит.
Да беше избркан, Смит ќе се придружеше на малата група актери кои беа отстранети од Академијата: Харви Вајнштајн, Роман Полански, Бил Козби и актерката Кармин Кариди.
Во неделата, Смит ја шокираше јавноста кога зачекори на сцената и го удри Рок, неколку моменти откако комичарот се пошегува на сметка на сопругата на Смит, Џејда Пинкет Смит.
Смит подоцна доби овации откако ја освои наградата за најдобар актер. Академијата потоа тврдеше дека се обидела да го отстрани актерот од публиката.
„Работите се одвиваа на начин што не можевме да го предвидиме“, изјавија од Академијата.
„Иако би сакале да разјасниме дека од г-дин Смит беше побарано да ја напушти церемонијата и одби, ние исто така признаваме дека можевме поинаку да се справиме со ситуацијата“, додаваат организаторите.
Комичарот Рок одби да поднесе обвинение за случајот.