Секојдневното јадење високо процесирана храна, која изнесува повеќе од 20% од дневниот внес на калории, води кон опаѓање на мозочната активност и когнитивни проблеми, покажува нова научна студија.
За лице кое внесува 2.000 калории дневно, 20% изнесува 400 или повеќе калории. За споредба – мал помфрит и еден чизбургер од Мекдоналдс содржат вкупно 530 калории.
Веќе е познато дека јадењето високо процесирана храна, која го олеснува животот на луѓето – како сосови, замрзната пица или пакувани готови јадења , не е добра за нашето здравје. Исто како што се штетни и хамбургерите, помфритот, газираните пијалоци, колачињата, чоколадите, сладоледот и крофните. Претходни студии веќе покажаа дека оваа храна го намалува нашиот животен век и го зголемува ризикот од гојазност, кардиоваскуларни проблеми, дијабетес и рак.
Но, нова студија покажува дека преголемото внесување на ваква високо процесирана храна можеби придонесува и за когнитивни проблеми – меѓу кои и деловите од мозокот вклучени во способностите за одлуки и процесирањето на информации, пренесува Си-Ен-Ен.
Научниците утврдија дека мажите и жените кои јаделе најмногу високо процесирана храна имале 28% побрзо когнитивно опаѓање отколку глобалниот просек и 25% побрзо опаѓање на функциите за носење одлуки и процесирањето информации во споредба со луѓето кои јаделе најмалку ваква прекумерно процесирана храна.
Студијата беше презентирана вчера, на Меѓународната конференција на Асоцијацијата за Алцхајмер. Во истражувањето биле следени преку 10.000 Бразилци во период од 10 години.
На почетокот и на крајот на истражувањето се тестирала меморијата, препознавањето зборови и јазичниот говор на учесниците, кои потоа биле прашани и за начинот на нивната исхрана.
„Во Бразил високо процесираната храна изнесува од 25 до 30 проценти од секојдневниот внес на калории. Ги имаме Мекдонадлс, Бургер Кинг и јадеме многу чоколада и бел леб. Тоа, за жал, не е многу поразлично од многу од другите Западни држави. 58% од калориите во САД, 57% од калориите во Британија и 48% од калориите во Канада доаѓаат од високо процесирана храна“, објаснува коавторката на студијата, Клаудиа Суемото, вонреден професор на Универзитетот во Сао Паоло.
„Иако се потребни дополнителни истражувања, новите резултати се навистина впечатливи и ја нагласуваат важната улога на правилна исхрана во зачувувањето и подобрувањето на мозочното здравје и намалувањето на ризикот за мозочни болести кога ќе бидеме повозрасни“, објаснува Руди Танзи, професор на неврологија на Харвард, кој има напишано книга за штетноста на високо процесираната храна.
Според него најголемиот проблем со овие јадења е тоа што тие често имаат премногу шеќери, сол и масти, состојки кои предизвикуваат системски воспаленија, што е веројатно најголемата закана по здравјето на телото и мозокот како човекот старее. Но, во меѓувреме, бидејќи се удобни и брзи начини за внесување храна, тие истовремено ја заменуваат храната која има многу растителни влакна, што е важно за одржување на здравјето и балансот на трилионите бактерии кои се наоѓаат во стомакот на луѓето.
„Тоа е особено важно за здравјето на мозокот и намалувањето на мозочните болести кои доаѓаат со староста, како што е на пример Алцхајмеровата болест“, објаснува Танзи.