Пред какво било модифицирање, реставација и санирање треба да претходи научна и стручна анализа, реагираат од Асоцијацијата на независната културна сцена ЈАДРО во однос на градежните активности кои се актуелизираа деновиве во Старата скопска чаршија.
Оттаму потсетуваат дека местото е едно од највредните културни наследства во градот и дека од октомври 2008 година е прогласено за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење. Тие побараа одговор од надлежните за целиот процес, но и поголема транспарентност. Во продолжение, Радио МОФ интегрално ги пренесува прашањата на ЈАДРО:
„Дали Програмата за ревитализација на Старата скопска чаршија (која постои за периодот 2010-2015 година, а се однесува за период од 5 години) е донесена согласно постоечкиот Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење (Член 11), и доколку е донесена, во кој обем е реализирана, кој ја задолжен за да ја следи нејзината примена и дали се јавно објавени извештаи и анализи за самиот процес?
Кои се членови на Нациналниот совет за ревитализација на Старата скопска чаршија и дали може да се објави нивно стручно мислење/изјава по повод реставрацијата?
Дали може да добиеме стручно мислење/изјава и од раководителката на секторот за заштита од НУ Конзерваторски центар – Скопје и директорот на Управата за заштита на културното наследство, коишто се најстручни во оваа област?
Дали се спроведени заштитни археолошки истражувања, согласно Член 7 од законот?
Културата на третман на културното наследство треба да се гради на основа на дијалог, а не на основа на доминација на политичките или експертските идеи околу тоа како треба да изгледа наследството, па затоа прашуваме зошто за време на активности од овој тип не се спроведуваат потранспарентни кампањи на информирање на јавноста?
Меѓу основните принципи на тековните европски теории на конзервација се: почит кон оригиналната изработка, почит кон историскиот материјал и почит кон историскиот извор – дали овие принципи се применети при изборот на материјалот и начинот на изведба? Дали, сепак, Чаршијата заслужува и може да добие посоодветен материјал од тој што го имаше до сега?
Во Старата скопска чаршија последната декада се забележуваат огромни промени и несоодветни интервенции – рушење на индивидуални куќи и изградба на станбени згради на нивно место (особено на потегот околу хотелот Арка), несоодветно дизајнирани и/или димензионирани интерполации и некомпатибилни нови градби, рушење на старите дуќани и нивна замена со бетонски копии, несоодветна модернизација на историските структури, воведување на меморијални споменици и спомен-обележја што не се поврзани со настанувањето и развојот на Старата скопска чаршија, различни доградби, надградби и измени на оригиналните структури итн. Старата скопска чаршија полека го губи својот оригинален изглед поради интензивните градежни активности во рамки на заштитеното подрачје со што се врши тривијализација на законските норми и професионалните стандарди и директно уништување на културното наследство. Какви се улогите на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура во врска со тоа и дали имаат или планираат да преземат нешто за спречување на ваквите активности?
Дали може да се објават истражувањата за проектот кој има добиено дозвола за конзервација на Конзерваторски центар – Скопје и аргументацијата за позитивно мислење од страна на НУ Конзерватовски центар – Скопје?
Која е улогата на Град Скопје во овој процес?
Штом е одлучено овие активности да се одвиваат за време кога сите граѓани се спречени да излезат од своите домови дали може да очекуваме потранспарентно известување за овој и сите слични проекти коишто се случуваат во моментот, а за кои не треба да бидеме задоцнето информирани?
И за крај, знаејќи дека менувањето на изгледот на Старата чаршија не е процес почнат од вчера, потсетуваме дека долги години наназад систематски дел по дел тој бил цел на дубиозни градежни лиценци и реконструкции. Мини плоштадот на влезот на чаршијата, Менада и летните тераси кои го попречуваат нормалното движење низ улиците се само дел од унаказувањето на историскиот и во ист момент толку жив светилник на Скопје, за што се испушти во навреме да се реагира.
Блиско е минатото во кое властите дивееја на еден нетранспарентен и недемократски начин, не сакаме и нема да дозволиме тоа да продолжи и сега. ЈАДРО бара потранспарентно и навремено известување од страна на сите институции, редовно известување на медиумите и јавноста (а со тоа и превенција на ширење на неточни и задоцнети информации на коишто сите бевме сведоци), посебно во вакви специфични услови во коешто се наоаѓа нашето општество во моментот, особено кога станува збор за менување на изглед на јавен простор со којшто граѓаните се емоционално поврзани.“
Бaрџиева Трајковска: Проекти за Чаршијата треба да прават стручни институции, а не општината