Во рамките на 10-те предавања и презентации за македонски уметници организирани од КСП Центар Јадро, уметниците прават преглед на своето творештво или претставуваат избор од своите најрепрезентативни проекти.
Оттаму велат дека програмата ја реализираат преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаат дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес. Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.
Во кафе книжарницата „Буква“, во вторник, на 27 јули ќе се оствари преглед на творештвото на визуелната уметница Моника Мотеска, авторка со богата и репрезентативна уметничка кариера со бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство.
„Моника Мотеска, се вбројува меѓу значајните автори на современата македонска уметност во 21 век, со речиси две и пол децениско континуирано присуство на локалната сцена и надвор од границите на земјата. Во нејзините мултимедијални дела таа користи различни медиуми, видео дела, видео-инсталации, фотографија, цртеж, објекти.
Веднаш по дипломирањето Мотеска сериозно се вклучува на сцената со репрезентативни дела за кои критиката позитивно се произнесува. Нејзините дела се длабоко промислени, со изразен тематски фокус, кој истовремено се заснова на општествениот контекст, но ја задржува специфичната поетична линија“, објаснуваат од Јадро.
Мотеска ќе претстави избор од делата создавани во различен контекст и различни медиуми, притоа откривајќи повеќе за нејзината инспирација, за принципите врз кои ја темели својата работа, за своите самостојни проекти, но и нејзината соработка со Роберт Јанкулоски, како и изложбената историја на некои од нејзините најзначајни дела.
На презентацијата ќе се зборува за некои од претставените проекти, меѓу кои и пораните дела како „Ахилова пета“, „Голтач на пламен“ и „Предизвикувач“, но и поновите меѓу кои и последниот самостоен проект „Везење во камен“ претставен во НГМ во 2020, „Тивка деструкција’ од 2019, нивниот развој, како и учеството во релевантни меѓународни изложби.
Моника Мотеска (Прилеп, 1971) е визуелна уметница која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност – сликарски оддел во Скопје, 1996. Се занимава со сликарство, фотографија, видео и инсталација. Работела на дизајнирање изложби и промотивни материјали од областа на старата фотографија. Имала дваесеттина самостојни изложби во земјата и во странство, меѓу кои се последните остварувања како што е инсталацијата „Тивка деструкција“ (Мобилна галерија, 2019) и комплексниот самостоен проект „Везење во камен“ (НГМ-Чифте амам, 2020). Исто така, учествувала на голем број групни изложби во земјата и странство.