Асоцијацијата на независна културна сцена – ЈАДРО реагира на последните најави за кратење на буџетот што во петокот на прес-конференција ги изрече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Според ЈАДРО, најавите се однeсуваат на веќе одобрени проекти од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата, со прецизна сума од 31%.
„Незадоволни сме од нетранспарентниот однос на министерката и на Министерството за култура нво однос на начинот на менаџирање со буџетот за култура во време на криза. Револтирани сме од негрижата и непрепознавањето на предизвиците со кои независниот сектор се соочува и нивната улога во креирањето на културните политики. Културните работници, уметниците, неформалните групи и организациите што работат во независниот културен сектор не беа навремено информирани и консултирани, и не се согласни со какво било намалување на средствата за работа, за кои веќе имаат потпишано договори“, се вели во реакцијата.
Од ЈАДРО се со став дека кршењето на веќе потпишаните договори од страна на Министерството за култура е неприфатливо. Министерството за култура како институција мора да ги штити нашите интересите и на сите оние што вложуваат во културата и покрај прекарните услови за работа.
„Независниот културен сектор не е претставен од страна на консултираните синдикати, со кои министерката Костадиновска-Стојчевска разговарала, ниту ги имаат истите потреби како културните работници од јавните институции од културата. Ја потсетуваме министерката за култура дека на средбата одржана во февруари оваа година, со цел запознавање со работата на ЈАДРО Асоцијацијата, таа беше информирана за потребата од зголемување на буџетот за култура и од формирање на посебен фонд и на посебна дејност – буџетска линија во рамки на Министерството за култура за независниот културен сектор. Затоа, со цел унапредување на домашната културна продукција, очекуваме фактички заложби во оваа насока со кои веќе одамна доцниме“, стои во реакцијата.
Независниот културен сектор, како што пишува во реакцијата, веќе претрпе огромна штета, како последица од кризата со пандемијата, а одлуката за кратење претставува опасност за целосно укинување на долгогодишни програми и гаснење на мали организации чијшто опстанок директно зависи од овие средства.
„Би сакале да посочиме дека многумина од културните работници во независниот културен сектор немаат други извори на финансирање, работат хонорарно, немаат обезбедени плати, здравствено и пензиско осигурување, а сепак придонесуваат во огромна мерка за развојот на современата култура. Независниот културен сектор е директно зависен од финансиите на Министерството, што се секако помалку од доволни. Секторот не може да понуди како што вели Костадиновска-Стојчевска ‘богато културно постковид лето во сиот сјај’ без поддршката од Министерството“, децидни се од ЈАДРО.
Имено, министерката Костадиновска – Стојчевска соопшти дека прво ќе бидат скратени најнепродуктивните и оние трошоци без кои, како што рече, „ќе можеме да преживееме до крајот на годината“.