КСП Центар-Јадро започнува со серијата на презентации посветени на македонските визуелни уметници.
Првата изложба во рамките на програмата, на уметникот Игор Тошевски, ќе биде отворена во четврток, 27 мај, во кафе книжарницата „Буква“ со почеток од 20 часот.
За време на 10 предавања и презентации, македонските уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти.
Од „Јадро“ информираат дека програмата ќе претстави избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаат дека со своите дела, темите кои ги обработуваат и авторскиот интегритет се релевантни до денес.
„Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот“, објаснуваат оттаму.
Дополнително, од културниот центар истакнуваат дека поради системското занемарување на институциите и медиумите, делата и успесите на уметниците не се доволно презентирани пред пошироката јавност.
„Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена“, истакнуваат од „Јадро“, дополнувајќи дека разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.
Програмата на „Јадро“ ќе биде отворена со потсетување на впечатливите дела на Игор Тошевски, кои се создавани во последните три децении, во време на сложен развој на настаните по падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Југославија.
„Преку својата уметничка активност која опфаќа различни медиуми и впечатлив суптилен ангажман, Тошевски на специфичен начин ги преиспитува улогата на уметноста во социополитичкиот контекст, нивната нераскинлива врска и можностите преку симболичкиот простор да се дејствува врз општествената реалност. Меѓу делата кои го одбележаа не само творештвото на Тошевски, туку и станаа амблематични за придонесот на локалната и регионална уметничка сцена, неодминливи се инсталацијата „Досие ‘96“, серијата интервенции насловени „Слободни територии“, информираат од „Јадро“.
Оттаму потенцираат и на реконтекстуализираните инсталации започнати со самостојното претставување на Тошевски во МСУ-Скопје во 2012 година како „Љубовта неразбирлива“, кои во различни форми се развиваат преку процеси на симболичко омеѓување и мапирање, ја задржуваат својата релевантност и денес кога се соочуваме со најновите актуелизации на нерешените идентитетски и територијални спорови во регионот и во светот.
Игор Тошевски е роден во 1963 година во Скопје. Дипломирал графика и графички техники во 1988 година на Факултетот за ликовни уметности, Скопје, и Академијата за ликовни уметности во Хелсинки. Mагистрирал вајарство во 2011 година на Факултетот за ликовни уметности, Скопје.
За време на студиите учествува во формирањето и работата на неколку уметнички колективи во Македонија, меѓу кои и групата „Зеро“ (1985-1990). Како самостоен уметник, реализирал повеќе самостојни и групни изложби во Македонија и странство. Еден е од основачките членови на иницијативата „Кооперација“ (2011-2014). Паралелно со визуелната уметност, повеќе години работи како филмски сценограф на домашни и меѓународни продукции.