Младиот Јан Стојановски вчера го освои првиот златен медал за Македонија на 8. Европската олимпијада по физика, која од 15 до 19 јули година се одржуваше во Кутаиси, Грузија.
„Не се сомневавме дека ќе го донесе првото историско злато од оваа олимпијада, имајќи ги во предвид неговото знаење од физика како и досегашните освоени награди на олимпијадите по физика: сребрен медал на 7. Европска олимпијада по физика минатата година во Хановер, Германија, бронзениот медал на 53. Меѓународна олимпијада по физика одржана во Токио, Јапонија во 2023 година и златниот медал на 5. Балканска олимпијада по физика одржана во Никозија, Кипар во 2022 година“, соопштија од Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ).
Од таму објавија дека Олимпијадата, која заврши вчера, покрај Јан Стојановски кој е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје, награди за успешно учество (пофалници) добија и Матеј Гелев, исто така ученик во ПСУ „Јахја Кемал“, потоа Емилија Николовска ученичка во Математичко Информатичката Гимназија од Скопје и Димитриј Анѓеловски – ученик во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“.
„Достојно ја престави својата држава и го покажа своето знаење на оваа олимпијада и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје“, соопштуваат од ДФРМ.
Тимот го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ.
Инаку, на Европска олимпијада учествуваа 54 држави и тоа 36 држави од Европа и 18 држави надвор од Европа. Секоја од државите на олимпијадата имаше право да учествува со тим од 5 ученици.
Фото: ДФРМ