Јана Белчева поднесе оставка од претседателската функција на Советот на Општина Центар

Активистката Јана Белчева која беше претседателка на Советот на Општина Центар поднесе оставка од оваа функција.

Таа на својот Фејсбук профил, објави за своето незадоволство, велејќи дека не сака да се приклони кон група во која мнозинството не е спремно за прогрес и калкулира со личната корист.

„Верував дека размислувањето како тим и група, во овој случај Совет, може да ја надмине индивидуалната пристрасност и значително да го подобри квалитетот на резултатот. За реализирање на потенцијалот на мудроста на групата потребна е достапност на сите важни, потребни и критични информации, како и уважување на поединечните знаења и експертиза на членовите на групата. Верував дека работата на општинските служби раководени од градоначалникот ќе бидат унапредени, а барањата на граѓаните и нивните сугестии ќе се слушаат и разгледуваат со респект. Но сето ова е можно само ако внимателно се постават процесите за соработка, но и се внимава на составот на целиот тим, во овој случај и кој се‘ е член на Совет и кој раководи со општината“, се вели во нејзиниот Фејсбук статус.

Белчева соопшти дека се оградува и од одлуките за кои вели дека ќе се донесат на денешната седница на Советот, иако дел од предлозите се нејзини.

„Се оградувам бидејќи општината дозволи упад во процедурата на закажување продолжение на Седица, одржува Совет кој не сум го свикала и селективно избира кој ќе биде информиран за присуство. Дополнително, со постапките денес се заобиколуваат и уредбите на Владата за работа на Советот. Се нема интерес да се дознае како се спроведуваат одлуките ниту надлежностите на службите во општината, нема интерес да се знае како се реализира буџетот за да се предвидат и предложат приоритетните активности, се нема иницијатива за прогрес, туку напротив, се дозволуваат назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси. Многу пати претходно бев ставена во позиција да потпишувам одлуки за кои сум гласала против, но мнозинството гласало за. Се оградував низ издвоени мислења некогаш сама некогаш со други колеги“, објави Белчева.

Колективна „интелигенција„ Демократијата подразбира носење одлуки и политики со мнозинство на гласови во колектив, тим,…

Posted by Jana Belceva on Monday, 4 May 2020

Белчева која беше носителка на советничката листа на коалицијата предводена од СДСМ и која доаѓа како претставник од граѓанската иницијатива „Здравје пред профит Центар“ и понатаму останува да работи како советничка во советот на Општина Центар.