Општинското средно училиште „Коле Нехтенин“ во Штип ќе се трансформира во Регионален центар за стручно образование и обука, кој ќе биде под надлежност на државата. Ова ќе биде процес кој согласно Планот за раст, ќе треба да се заокружи во временска рамка од три години.
За ова информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на општина Штип, додавајќи дека станува збор за важна одлука во рамки на заложбите на Владата за унапредување на квалитетот на националниот образовен систем и негова синхронизација со пазарот на трудот.
„Следува дефинирање на струките што тука ќе се нудат за кадар кој е недоволен во моментов за потребите на индустријата во регионот. Ќе работиме на поврзување на ова училиште со бизнис заедницата и ќе направиме крупни инфраструктурни инвестиции за модернизација на условите за настава, за што се надевам дека ќе добиеме финансиска поддршка од Европската Унија, како што добивме и за претходно формираните регионални центри“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека „Коле Нехтенин“ ќе биде шестиот регионален центар за стручно образование и обука кој се отвора во државата. Три се веќе интегрирани во образовниот систем и според неа добро функционираат, додека две наведе дека се во процес на трансформација. Предвидено е во секој од осумте плански региони да има ваква образовна установа која ќе овозможува и промовира стручно образование.