Владата и Министерството за образование и наука (МОН) ќе продолжат да обезбедуваат финансиска поддршка за оние што ќе се запишат на додипломски, постдипломски или докторски студии на некој од најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг листа.
Конкурсите за доделување на стипендии за академската 2025-2026 година се објавени, со краен рок за аплицирање до 12 септември, со тоа што од МОН најавија нови модификации на оваа мерка, која досега на повеќе наврати се покажа како спорна и со многу недостатоци.
„Целта на измените е да се обезбеди ефективност на оваа мерка која, чини многу пари, ако се има предвид дека студирањето на најдобрите универзитети е исклучително скапо и на годишно ниво исплаќаме до 40.000 американски долари само за покривање на уписнината, а дополнително се покриваат и трошоците за живот, сместување и превоз на нашите студенти“, рече Јаневска на денешната прес-конференција.
Според министерката, кандидатите треба да имаат соодветно претходно образование и соодветен просечен успех кој е наведен во конкурсот и да не бидат корисници на било каква стипендија од друг давател во моментов. За стипендистите останува обврската по стекнувањето на дипломата, да се вратат во Македонија и да работат двојно повеќе време од времето на студирањето.
„Има неколку новини во конкурсот. По враќањето стипендистите треба да се пријават во МОН и за прв пат, да се регистрираат на посебен дигитален регистар (e-registar.mon.gov.mk), што го воведуваме оваа година, а кој ќе биде споделен со државните органи, универзитетите и стопанските комори, во насока на полесно наоѓање соодветен работен ангажман. Ако на студентот не му биде понуден ангажман во рок од шест месеци, не му престанува обврската да работи во државата“, рече Јаневска.
Ако пак студентот, во рок од три месеци по дипломирањето се вработи во некоја компанија од Fortune top 500 листата во странство, тогаш надвор од Македонија може да остане најмногу до три години, со цел, како што рече министерката, стекнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во својата држава двојно повеќе време од времето на студирање.
„Доколку кандидатот одлучи да не се врати во државата, односно не ги исполни обврските од потпишаниот договор, ќе мора да ги врати средствата, онолку колку што министерството му исплатило за студирање и тоа најдоцна во рок од две години по завршувањето на студиите. Во минатото се бараше враќање на десеткратно поголем износ, што всушност беше неприменлива договорна одредба“, додаде министерката.
Осврнувајќи се на дигиталниот регистар на стипендисти во странство, Јаневска посочи дека целта е во него да се пријават сите завршени и тековни студенти во странство кои користат стипендија од МОН, за да може државата да има увид во состојбата на секој стипендист.
Регистарот содржи податоци за студентот, видот на студиите, периодот на студирање, работен статус, контакт податоци и слично и секој ќе треба најмалку еднаш годишно да ги ажурира своите податоци доколку има било каква промена. Студентот може да одбере неговиот профил да биде видлив и така полесно ќе се вмрежува со други студенти, со научни и образовни установи и со работодавачи.
„Веќе сме во комуникација со многу од студентите да се пријават во регистарот и бидејќи тоа може да им донесе само корист, очекувам соработка и постапување. А задоволство ми е да споделам и дека Министерството за образование и наука веќе започна соработка со неколку дипломирани студенти, кои имаат желба и со голем ентузијазам работат на развој и промоција на својата држава“, рече министерката.
Инаку, на конкурсите можат да аплицираат македонски граѓани кои во академската 2025/2026 година ќе се запишат на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, согласно последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џио Тонг универзитет.
Досега оваа мерка на повеќе пати беше критикувана од експерти и невладини организации. Младински образовен форум (МОФ) лани направи истражување „Неискористен студентски потенцијал“ кое укажа дека досега државата стипендирала 389 студенти во странство и отприлика за секој од нив од државната каса издвоила 160 илјади долари, а ретко кој од нив се враќа да работи во Македонија. Исто така, меѓу другото, документот посочува дека стипендии повеќе користат ученици од приватните школи, додека нивни врсници од државните училишта не се доволно информирани за можностите.
„Истражувањето покажува дека има нетранспарентност при процесот на распределба на стипендијата, ниско ниво на промоција на програмата, дека не се води евиденција и мониторинг на студентите кои ја добиле стипендијата, дека комуникација со корисниците на стипендијата е ненавремена, понудите за работа не се соодветни и има потреба од ревизија на начинот на кој моментално се имплементира“, истакна лани претседателот на МОФ, Ристо Савески.
Државата плаќа за стипендисти што ретко се враќаат да работат во Македонија
Бојан Шашевски