Јаневска: МОН е во минус 5 милијарди денари

Министерката Весна Јаневска во емисијата „За или Против“ откри дека Министерството за образование и наука (МОН) е во минус 5 милијарди денари. Таа во емисијата најави дека на јавна расправа МОН ќе предложи да се печатат дипломи само во деветто одделение и во завршна година од средно, а за другите години да си ги печатат училиштата. Јаневска исто така тврди и дека во МОН постојано стигнуваат поплаки за работата на одредени универзитети и факултети.

„Јавноста има право да знае дека МОН е во минус 5 милијарди денари. Но, не треба да има грижи, бидејќи ние и со ваков буџет, ќе обезбедиме да има плати за вработените во образованието, да се исплаќа финансиската поддршка за учениците и да расте студентскиот стандард“, посочи Јаневска

Тие во Министерство добиле нов е-дневник со средства од ЕУ, кој според министерката е многу посовремен и поефикасен. Тој е во фаза на тестирање и одобрување и овозможува печатење свидетелства.

„Учениците имаат потреба од свидетелства само во деветто одделение и во завршна година од средно образование, за да го продолжат образованието или за да се вклучат на пазарот на труд. Можеби е подобро и поекономично, училиштата да ги печатат другите свидетелства, а завршните свидетелства да ги печати државата. И овој предлог ќе го ставиме на јавна дискусија“, нагласи таа.

Таа информираше и дека во МОН постојано стигнуваат поплаки за работата на одредени универзитети и факултети, меѓутоа за ерозијата на високото образование се неопходни сериозни, транспарентни и законски засновани постапки, а таа мора да запре.

„Во моментов работиме на 3 пријави, за еден државен и два приватни универзитети. За кои универзитети конкретно станува збор, ќе говориме кога ќе имаме сериозни докази. Дојде време да се работи по закон. Нема да има селективност. Она што сега можам да го кажам е дека ќе следи реевалуација и реакредитација на сите универзитети“, нагласи Јаневска.

Дополнително, како што истакна министерката, ќе се потрудат да направат корисни чекори за да се унапреди квалитетот на образованието и веќе имале позитивни реакции по однос на одложувањето на Концепцијата за основно образование и ревидирање на наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение.

Tаа говореше и дека постои голем притисок врз наставниците за поправање оценки на крајот од учебната година, но дека има план како да бидат ослободени од тој притисок, а од следната учебна година, како што рече ќе се отвори и телефонска линија за пријавување неправилности во работењето на образовните установи.