Покачување на платата за наставниците за околу 12% од март наредната година и укинување на пролетниот распуст за учениците, најави денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска по увидот на спортска сала во село Булачани.
Јаневска одговарајќи на новинарско прашање рече дека за покачувањето на платата веќе имала две конструктивни средби со СОНК а разговарала и со Владата и со министерката за финансии.
„Можам да кажам дека имавме конструктивни средби и големо разбирање, но не само со СОНК, туку и поединечно со групи на наставници. Јас ги замолив и пред изборите и по изборите да имаат малку трпение. Знам што значи плата, и знам што значи да се живее од плата, но вие го знаете долгот на Министерството, го знаете долгот на државата така што за оваа година ние навистина немаме можности да преземеме некаква сериозна активност во тој правец, а јас како министер не можам да дозволам на моите наставници да им се покачи платата за 200-300 денари. Простете што велам мои, но јас сум одговорна за нив и тие се мои“, изјави Јаневска и додаде дека покачувањето ќе биде според колективниот договор но и во зависност од тоа како ќе се движи БДП.
Министерката информираше и дека од оваа учебна година ќе се укине пролетниот распуст и учебната година ќе заврши на 10 јуни.
„Нема да има пролетен распуст. Финалните анкети на родителите покажаа дека тие не сакаат, но и на повозрасните ученици, исто така, така што оваа година, пролетен распуст нема да има“, одговори Јаневска на новинарско прашање.
На прашањето дали во Министерството за образование и наука се разгледува друга можност за краток одмор на учениците, Јаневска вели дека во моментов нема такво нешто.
Пролетниот распуст за прв пат беше воведен минатата година по одлука на претходната власт и траеше од 29 април до 6 мај.
Инаку, пред една година и од Сојузот на средношколци побараа укинување на пролетниот распуст и наместо тоа еднонеделна подготовка за Државниот матурски испит.
Симона Паскоска