Буџетот за студентски стандард во 2025 година ќе изнесува 30 милиони евра или за 18% повеќе од годинава, истакна вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска на настан по повод Меѓународниот ден на студентите кој го организираа Националното студентско тело (НСТ), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Младинскиот образовен форум (МОФ).
Тоа, како што рече таа подразбира повеќе и поголеми права и можности за студентите, но и повеќе за инвестиции во инфраструктурата која ја користат.
Министерката рече дека во изминатите четири и пол месеци, биле прифатени се повеќе барања на студентските организации, со кои се прошириле студентските права.
„Овозможивме бруцошите да користат субвенциониран оброк од први октомври, што не беше така до лани. Направивме промена на конкурсните услови за повеќе категории на стипендии да може да конкурираат што повеќе млади. За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможивме да аплицираат и студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои до лани беа дискриминирани на некој начин“, додаде Јаневска.
Министерката посочи дека е започната етапна реконструкција на студентските домови, а од следната година најави дека ќе продолжи изградбата на објектите за ФИНКИ и ФФК, додавајќи дека ќе се работи и на нови закони за високото образование и за студентскиот стандард.