Јаневска со порака на почетокот на 2025: Заедно за промени во образованието, одговорни сме за децата и за државата

Новата година ја почнуваме со надежи, очекувања и верба дека ќе биде година за паметење по добро, исполнета со радост и убави случувања. По половина година заедничко работење за да го направиме образованието подобро и поквалитетно, во 2025 заедно со учениците и студентите, наставниците и родителите, со сите граѓани кои веруваат дека можеме да имаме напреден воспитно-образовен систем –  продолжуваме, вели министерката за образование и наука, Весна Јаневска во своето новогодишно обраќање.

Според неа, градиме образование на можности, во кое секое дете може да ги реализира своите потенцијали, кое го цени и вреднува придонесот на секој наставник, образование кое сплотува.

„Во септември почнавме со учебници за сите ученици, во јуни да ја завршиме учебната година со подобри резултати од лани. Тоа е целта на воведувањето едносменска настава и продолжениот престој во училиште, на растот на платите на вработените во училиштата, на реконструирањето и градењето нови училишни објекти, на промените во регулативата, на јакнењето на образовната асистенција и оптимизацијата на училишната мрежа. Во високото образование почнавме со промени кои ќе им понудат на студентите програми какви што бараат на странски универзитети, а нашите професори да можат да се одмеруваат на меѓународно ниво“, вели таа.

За да направиме стабилен воспитно-образовен систем во чии темели се вткаени најдобрите решенија што низ годините дале резултати и да го доградиме со нови решенија што ги бара дигиталното доба, дополнува Јаневска, треба да се здружиме сите што сакаме образовен исчекор.

„Во новата година да се обединиме и да ги надминеме поделбите, затоа што сите имаме иста желба – нашите деца да добијат образование кое ќе им отвори животни и професионални можности какви што посакуваат“, вели таа во нејзиното новогодишно обраќање.