Јаневска: Во следните денови образовните асистенти постепено влегуваат во училиштата

Втора недела по стартот на школската година, а голем број деца со атипичен развој и денеска не добија образовни асистенти во основните училишта.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска прво тврдеше дека асистентите ќе почнат со работа од 2 септември, потоа најави дека ќе влезат во училиштата во вторник (10 септември), а денеска рече „постепено во следните денови“.

„Сепак и денес ќе се потпишуваат договорите, значи во следните денови асистентите постепено влегуваат во училиштата“, рече Јаневска при посетата на „Ѓорѓија Пулевски“ во скопската општина Аеродром, каде со градоначалникот доделуваа таблет-компјутери на четвртоодделенци.

Според Јаневска, ова што се случуваше годинава со доцнењето на асистентите, е одраз на чекањето на ребалнсот на Буџетот и релативното работење на училиштата на различни начини.

„Но, ресурсниот центар ‘Златан Сремец’, кој ја покрива оваа територија, успешно го привршува процесот, па денеска во ова училиште, а верувам и во сите останати има образовни асистенти“, потенцираше Јаневска.

Министерката нагласи дека е важно системско решавање на образовните асистенти, кое, вели таа, досега не било направено.

„Тоа значи, во новите закони за основно, средно и средно-стручно – ќе определиме рок во кој треба да биде завршена целата постапка и тоа треба да биде готово јуни. Големата новина е дека обезбедуваме асистенти и за средно училиште, што досега ги немаше. И, третото што е важно, а сега го дискутирав и со една од асистентките, е асистентите да го следат ученикот во целиот негов образовен процес. Освен во случај ако не престане потреба за асистент, т.е. аситентот одлучи да се исклучи од овој процес, или на силно инсистирање на родителите кои сметаат дека нивното дете би можело да постигне подобар успех со друг асистент. Понекогаш е неопходна промена на асистентот, но целиот овој процес системски ќе го решиме, за во иднина да немаме никакви проблеми“, рече Јаневска.

Во однос на новинарското прашање кога ќе може да се очекуваат асистенти и во средните школи, министерката одговори дека Законот за средно образование многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа.

„Треба да помине и на Влада, да се поднесе и во Собрание. Но, бидејќи многу скоро ќе биде ставен на јавна расправа, сите ќе можат да го видат и ќе можат да реагираат и на некакви членови, ако имаат забелешки. Најрано што очекувам да има асистенти во средните училишта e во јануари 2025“, најави Јаневска.

Таа објасни дека законот за средно го подготвуваат во пакет со законите што се меѓусебно поврзани: за основно, за средно-стручно образование, за образование за возрасни и Национална рамка на квалификации, а го додале и законот за учебници, за да може и тој проблем на „има-нема учебници“ и „печатиме-докупуваме“ – да биде решен и да се почне на мира следната учебна година.

„Откако ќе ги донесеме овие, искрено се надевам дека тој процес ќе биде завршен во октомври, работиме и на уште шест нови закони, кои исто така треба брзо да се донесат. Закон за наставници, закон за педагошка служба, закон за државен испитен центар, почнавме веќе да работиме и на законот за високо образование, тоа малку ќе потрае. Како и да е, нас во МОН не’ чека тешка и долга зима, но продолжуваме со исто темпо“, рече Јаневска.

Бојан Шашевски