Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска посочи дека до септември, како Влада не можат да стигнат да обезбедат учебници за седмо одделение, дури ако имаат и „волшебно стапче“.
Јаневска истакна дека ниту еден учебник за седмо одделение не е даден на печатење. Во меѓувреме, таа посочи дека дел од нив не се одобрени, дел не поминале рецензија, а некои не се ниту напишани.
„Така што, иако претходното раководство соопштуваше дека и учебниците за седмо одделение се печатат и испорачуваат, фактичката состојба е сосема поинаква. Неколку денови разговараме со Бирото и најверојатно учениците од седмо одделение и следната учебна година ќе учат од постојните учебници, оние кои и досега беа во употреба. Имаме образложение од Бирото дека се прилично компатибилни со наставните програми, освен за две до три теми за кои може да се направат наставни материјали“, рече Јаневска.
Министерката за образование посочи дека разговорите и дискусиите со БРО сè уште траат и доколку законското решение не дозволува ништо поинаку, Концепцијата ќе биде одложена на извесен период за учениците од седмо, осмо и деветто одделение да имаат учебници.
Инаку, кон крајот на мај, пред промената на власта, Министерството за образование и наука соопшти дека во тек е испораката на сите учебници од прво до седмо одделение во основното образование кои биле одобрени од Националната комисија за учебници и ќе се применуваат во учебната 2024-2025 година. Тие најавија дека тој процес ќе биде заокружен на почетокот на јуни, со тоа што учениците ќе ги имаат потребните учебници навремено, пред стартот на новата учебна година.