Јани-Петери Паси е добитник на „Златна камера 300“ на 42. ИФФК „Браќа Манаки“

Вчеравечер беа прогласени наградените филмови од 42 Издание на ИФФК „Браќа Манаки“, а наградата „Златна камера 300“ замина во рацете на кинематограферот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“

Наградата „Мала камера 300“ за  краткометражен филм ја однесе кинематограферката  Жоана Силва Фернандеж за филмот „Низ маглата“ поради смелото, интуитивно, но истовремено минималистичко користење на визуелното раскажување.

„Навистина сум почестена и среќна што ми е доделена оваа награда токму на фестивалот каде се слави работата на кинематограферите. Снимањето на филмот беше интересен процес како на некое патување. Благодарам на фестивалот „Браќа Манаки“ и се надевам дека ќе се видиме следната година“, изјави Силва.

„Бронзената камера 300“ ја доби кинематографот Рубен Импенс за филмот „Титаниум“, заради бруталниот контраст меѓу вознемирувачката дистописка приказна и нејзиниот високо естетизиран визуелен стил.

„Ви благодарам за оваа неверојатна награда. Многу сум среќен, му благодарам на жирито што ја препозна и награди мојата работа. Жалам што ме успеав да дојдам во Битола, и благодарам и на Џулија која беше прекрасен партнер во правењето на филмот. Многу сум среќен што ја цените нашата работа и ви посакувам убава вечер на сите“, преку видео порака порача
Импенс.

„Сребрената камера 300“ ја доби Каспер Туксен за филмот „Најлошата личност на светот“, бидејќи деликатната камера ги приближува ликовите кои се добро позиционирани во урбаниот пејсаж на Осло до публиката.

„Му благодарам на жирито, на Јоаким Трир, режисерот на филмот, беше задоволство да се работи на овој филм. Ова многу ми значи и од срце им се заблагодарувам посединечно на сите кои работеа на овој филм“, рече Туксен.

Наградата „Златна камера 300“ ја освои кинематографот Јани-Петери Паси за филмот „Купе број 6“ поради деликатниот и осетлив начин на која камерата ја понесува публиката на лудото патување на хероината од Москва до смрзнатиот север.

Овогодишниот лауреат Паси исто така се обрати преку видео порака, истакнувајќи дека и покрај тоа што претходно ја добил оваа награда, чуствува изненадување и чест поради признанието.

„Толку многу бев возбуден што се разбудив среде ноќ и останав буден. Голема чест е да се биде награден на фестивал посветен на кинематограферите, се надевам ќе се видиме следната година“, изјавил Паси.