Обилните дождови на северот на Јапонија урнаа мостови и излеаја реки, а 200.000 жители беа повикани да ги напуштат погодените области, пренесува Н1.
Две лица се водат како исчезнати, изјави владиниот портпарол Хироказу Мацуно, а властите предупредија на зголемен ризик од лизгање на земјиштето и поплави.
Телевизиските снимки покажаа паднати дрвја во кал во близина на планински станбени зони, како и поплавени куќи и целосно урнат мост.
Јавниот сервис НХК објави дека необврзувачки известувања за евакуација се издадени за 200.000 жители во петте департмани во земјата Нигата, Јамагата, Фукушима, Ишикава и Фукуи. Сообраќањето на некои од брзите возови е прекинато во погодените области.
Во 2021 година, обилните дождови предизвикаа огромно лизгање на земјиштето во Атами во централна Јапонија, при што загинаа 27 луѓе.
Во 2018 година пак, од лизгање на земјиштето и поплавите загинаа 200 луѓе во западна Јапонија за време на годишната сезона на дождови. Според научниците, климатското затоплување ги зголемува ризиците од интензивни дождови во Јапонија, како и на други места во светот.