Многумина се плашат дека со развивањето на вештачката интелигенција, роботите ќе ги преземат човечките работи, досега ретко кој помислувал да му ја пренесе на робот писателската работа. Една јапонска програма за вештачка интелигенција стана ко-автор на краток роман, кој деновиве ја помина првата фаза од изборот на национална јапонска награда за литература.
Иако овој пат, „роботскиот“ роман не ја освои наградата, јасно е дека се доближуваме до денот кога роботите ќе можат да создаваат литература на исто рамниште со човекот.
Кусиот роман се вика „Денот кога еден компјутер напиша роман“, а тој, според жирито, не бил доволно добар за да ја освои првата награда. Официјално, романот бил создаден од човечки тим, кој го надгледувал развојот на платформата за вештачка интелигенција. Хитоши Мацубара и неговиот тим на универзитетот Хакодате одбирале зборови и реченици и поставиле параметри според кои ќе се склопуваат, пред програмата самата, автономно да го „напише“ романот. Членовите на жирито не знаеле дали романот го пишувал човек или робот.
Натпреварот за литературната награда Хоши Чиничи годинава за првпат вклучил и дела создадени од платформи за вештачка интелигенција, а такви биле 11 од вкушно 1450 дела пријавени на конкурсот.