Инсталацијата на островот Аваџи е висока 23 метри и нуди можност посетителите да се возат право во устата на Годзила. Џиновскиот ѕвер е една од најголемите физички претставки на чудовиштето до сега. Во култниот филм, чудовиштето е високо 50 метри, но во минатогодишната преработка на филмот, тоа беше високо 120 метри.
Иако новата атракција на островот е помала од филмските верзии, таа е поголема од сите досегашни статуи на чудовиштето. Веќе познатата глава на Годзила поставена на „Тохо“ зградата во Токио е висока само 12 метри.
„Досега, ова е највисоката скулптура на „Годзила“ позната на јавноста. Сакаме да ги видиме сите фанови на „Годзила“, дури и оние од странство, како доаѓаат и уживаат во глетката на масивното чудовиште што досега го гледале само во кино или на телевизија“, истакнал портпаролот на компанијата која раководи со забавниот парк.
Атракцијата која ќе се отвори за јавноста во сабота, го прикажува „Годзила“ со отворена уста и остри заби, а чудовиштето е претставено како излегува од вода. „Годзила“ – мешавината од горила и кит, стана неодминлив дел од популарната култура, претворајќи се во франшиза од преку 30 филмови и преработки, видео игри и играчки.
Филмот „Гоџира“ е во режија на Иширо Хонда, во продукција на филмското студио „Тохо“ во ноември 1954. Филмот стана мега хит привлекувајќи над 9.6 милиони гледачи во киносалите пред да биде популаризирана употребата на телевизорите.
Како што растеше глобалната фан база на филмот, тој доби репутација на метафора кон јапонското повоено општество и стравот од нуклеарното оружје. Научно фантастичниот автор Стефан Д. Суливан, го опишува ликот на „Годзила“ и целиот филм како „рефлексија кон јапонското искуство кон крајот на Втората светска војна“.
Извор: BBC