По повод одбележување на „Златен септември“, месец во кој се подига јавната свеста за детскиот канцер, од „САНО“ го организираат настанот „Јас сум тука за тебе“. Секоја сабота од септември, граѓаните ќе може да дојдат на паркингот зад Универзитетската Клиника за Детски Болести во Скопје и да бидат дел од ѕвезденото небо посветено на децата кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение.
„Дојдете во 20 часот на паркингот зад Клиниката за детски болести, понесете маска, батериска ламба или полн телефон и пред поаѓање подмачкајте ги гласните жици. Ќе светкаме и ќе пееме за децата кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение, но и за сите оние главички кои ќе се појават на болничките пенџери. Ќе им кажеме да не се плашат, да стегнат заби и да победат, а ние ќе бидеме таму да им покажеме дека не се сами, ние сме тука за нив“, велат од „Сано“.
Денешниот настан ќе започне во 20 часот, а заинтересираните своето присуство можат да го најават тука.
„Ве повикуваме да одвоите само 10 минути и понесете го со вас вашиот мобилен телефон, пуштете ја сијаличката и помислете една желба за овие дечиња. Па така, на овие деца ќе им измамиме насмевка и ќе им покажеме дека ги сакаме и дека сме со нив и навиваме за нивната борба. Да ги охрабриме и да им дадеме надеж и поддршка да продолжат да бидат силни, борбени и истрајни како што биле до сега.“, велат од „САНО“.
На собирот ќе се почитуваат сите актуелни мерки за заштита од Ковид-19, а задолжително е носење маска и држење дистанца.
„САНО“ е здружение за подобро здравје, образование и социјална грижа со посебна емпатиа кон децата со малигни болести.