На втората вечер од Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, скопската публика имаше прилика и чест да ја проследи монодрамата “Io sonol’aqua” („Јас сум вода“) на италијанскиот театар „Констелаѕионе“.
Импозантната изведба на Сабрина Марчиано и прекрасно сработената приказна на Мауро Мацети и Розамариа Капути, режирана од Роберто Константини, ја заслужи петминутната овација на публиката.
Креативната адаптација на Шекспировиот „Хамлет“ од гледна точка на Офелија ја прикажува одисејата на младата девојка од благородничко семејство, која иако има сé што повеќето би посакале: младост, убавина, благородничко име и љубовник кој го чека престолот, сепак е поразена од своите демони и посегнува по единствениот спас за измачената душа – самоубиство.
Излегувајќи од водата, таа се буди во рајот и почнува да го раскажува својот живот: раѓањето, детството, татковата љубов која преминува во насилство, љубовта за Хамлет, губењето на невиноста, убиството на нејзиниот татко, несудената свадба за која цел свој живот сонувала и на крај – самоубиството. Цело време ја бара вистината на прашањето зошто нејзиниот татко ја силувал како дете, зошто ја одделил од нејзиниот принц, зошто тој морал да го убие за да ја одмазди саканата… за на крај да сфати дека тоа е само плод на нејзината имагинација, а реалноста е посурова.
Невината и фрагилна Офелија го наведува својот татко на сексуален чин, а кога е одбиена, го убива. Хамлет не постои, тој е само фикција. Не можејќи да се соочи со сопствениот грев, се самоубива и наоѓа слобода – таа е вода. Офелија сфаќа дека е всушност во пеколот, и се враќа во својот вечен дом – таа е вода.
За изведбата на актерката Сабрина Марчиано зборовите се сосема излишни, а за тоа сведочи и наградата за најдобра актерка на фестивалот „Tuttinscena 2014 – Teatro della Cometa“ во Рим. На овој фестивал претставата ги добила и наградите за најдобра претстава и најдобра сценска изведба.
Театарската екипа која на вљубениците на театарот им нуди единствена синтеза на актерска изведба, видео сегменти и уникатни реквизити, кои барем во скопските театри досега никој не ги понудил, поради оригиналниот стил и сценски јазик е една од најбараните во Европа. Во Скопје гостуваат втор пат.
Стефанија Тенекеџиева