Универзална сала-Скопје, во соработка со проект-платформата за развој на креативните индустрии „Скопје креатива“ објави јавен повик за изработка на дизајн за униформи на членовите на Градскиот дувачки оркестар.
На повикот кој е отворен до 1 септември, може да се јават сите домашни дизајнери. Сите услови и пропозициите за учество се објавени на веб страната www.skopjеkreativa.mk и www.univerzalna.com.mk.
Целта на проектот е да се поттикне креативниот сектор од областа на модниот дизајн, да се создадат високо квалитетни решенија, кои ќе се одликуваат со иновативност, оригинална ликовна изразност и впечатливост.
За најдоброто идејно решение ќе одлучува три-члена жири комисија, а прво пласираниот дизајн ќе добие награда во висина од 60 илјади денари.