Младинскиот образовен форум (МОФ) на 26 мај, со почеток од 13 часот, во Јавна соба организира јавна дебата помеѓу кандидатите и кандидатките за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Како што велат од МОФ целта на дебатата е да го доближи изборниот процес до академската заедница и сите засегнати страни.
На дебатата е предвидено учество на членовите на академската заедница и граѓанскиот сектор кои ќе имаат прилика да постават директно прашање до кандидатите и кандидатките.
„Имајќи ја предвид улогата и тежината на функцијата ректор на најстариот и најголемиот универзитет во државата, како и недостатокот од јавна и аргументирана дебата во областа на високото образование, дебатата дава одлична можност за стекнување вредни сознанија за визиите и плановите на кандидатите кои се борат за престижната функција ректор. Со присуство на оваа дебата, ќе имате шанса да се запознаете со нивните идеи, стратегии и заложби за обликување на иднината на високото образование во нашата земја“, додаваат од МОФ.
Дебатата е предвидено е биде поделена во 4 тематски целини: Квалитет и пристап до образование, дигитализација на Универзитетот, квалитетно студентско организирање и учество на студентите во процесот на носење одлуки и наука и меѓународна соработка.
МОФ повеќе од 20 години се залага и работи во полето на квалитетно високо образование, транспарентни универзитети и демократско студентско организирање. Оттаму велат дека информираното и ангажирано студентско тело е од витално значење за развојот на прогресивна и инклузивна академска средина и доближувањето на изборниот процес до истите е од суштинско значење за развојот на високото образование во земјата.
Настанот е поддржан од Фондација Отворено Општество – Македонија.