На 28 мај (вторник) дебатниот клуб од средното медицинско училиште „Никола Штејн“ од Тетово, како дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, организираше јавна дебата на тема „Неформалното образование (не) е позначајно од формалното за постигнување на интеграција помеѓу средношколците“.
На јавната трибина тимовите поделени во афирмативен и негациски тим, дебатираа за улогата на образованието во постигнувањето на интеграција помеѓу различните етнички групи.
Леудиа Куртиши – говорник на трибината истакна дека преку неформалното образование им се нудат можности и програми на младите кои ги развиваат нивните потенцијали и вештини и се залагаат за рушење на предрасудите, борбата против дискриминација и прифаќање на разликите.
На дебатата говореше професорката од С.М.У. „Никола Штејн“, Наташа Петроска. Таа посочи дека интеграцијата во образованието е возможна, но треба да се истакне улогата на професорите во процесот на зближување на различните етнички групи. Начините на кои предаваат и примерите кои ги користат професорите треба да ги отсликуваат сите етнички припадности и култури во тоа училиште.
Како член на дебатниот клуб, а воедно и говорник на трибината, Теодора Ѓорѓеска ја истакна улогата на неформалното образование при интеграцијата на заедниците. Таа истакна дека заедничките активности од интегративен карактер како што се спортски натпревари, семинари, обуки им се потребни на средношколците, за да може повеќе меѓусебно да се интегрираат. Исто така организирањето на заеднички, а не разделени средношколски екскурзии, матурски вечери уште повеќе ќе придонесат младите да се интегрираат и да ги надминат сите стереотипи и предрасуди кои што постојат.
Иницијативата за јавната трибина потекнува од членовите на Дебатниот клуб од С.М.У. „Никола Штејн“ кои изминатите неколку месеци имаа предавања за дебата. Преку дебатата средношколците ги зајакнуваат ораторските вештини, аргументираното говорење, критичкото размислување за оштествени теми кои директно ги засегаат младите.
Бобан Костадиновски