Јавна дебата за законски измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање на 6 јули

Во салата на Советот на Град Скопје во четврток (6 јули) од 11 до 13 часот ќе се одржи јавна дебата за законски измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање.

Настанот е во организација на Зелен институт во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, чија цел е да се подобри состојбата со зеленилото во градот преку законски измени и други интервенции, а со тоа и да се спречи појавата на топлински острови, да се намали загадувањето со стакленички гасови и да се подобри квалитетот на живот во Градот Скопје.

„Сите засегнати страни ќе учествуваат во законските реформи со цел заштита на зеленилото и климата“, соопштуваат организаторите.

Инаку, проектот се работи во соработка со Градот Скопје и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со граѓанските организации Флорозон и Македонско женско лоби.